Кога Претседателот Иванов вели:Европа во Македонија и Македонија во Европа;Држава и економија кои создаваат нови работни места;Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите, јас му верувам, истакна министерката Јанкуловска вечерва на митингот во Куманово.
-Сигурна сум дека има визија и има програма неуморно да работи на овие цели кои не обединуваат. Сигурна сум бидејќи пред сите нас излезе со отчет за реализираното и со нова програма за новиот мандат кој го бара. Што имаме како понуда од другата страна? Ништо. Нула. Празни зборови во стилот на Црвенковски. Концепт, никаков. Идеја, никаква. Единствена цел, да се конфронтира со Владата за да си го засили егото па дури тоа и да е на штета на граѓаните. економска програма по урнек на програмата на вашиот сограѓанин кој од СДСМ, како врвен кадар и најдобар избор, беше поставен на директорското место во кумановскиот водовод. Човекот успеа да изеде и испие 100.000 евра ваши и наши пари по кафеани. После цел балкан ни се потсмеваше дека и Македонија има свој Шоиќ од тесна кожа и го нарекуваа гурман од Србија до Словенија. Ете тоа се кадрите на СДСМ и Црвенковски. Ете тоа е нивниот економски концепт. За разлика од овие карактери, Претседателот Иванов и после 5 години остана ист. На вратата од неговиот кабинет може секој да тропне и да побара помош. Продолжи да работи и да живее со граѓаните, а тие продолжија да го обвинуваат дека одел по ракијади и пифтијади. Дека одел да бере калинки или го одбележувал отпочнувањето на гроздоберот. Точно е. Тој остана скромен и народен човек и затоа ја има мојата и вашата поддршка за втор мандат – истакна Јанкулоска.
Министерката порача дека за болеста на СДСМ има лек, а терапијата ќе им ја дадат граѓаните на следните избори.
-Погледнете го само противкандидатот и погледнете се себе си. На колкумина од вас денеска некој ви ги чистеше кондурите надвор од дома, на улица. Дали воопшто некој од вас стави рака во џебот за да фрли 1.000 денари со потценување кон чистачот на кондури. Е тоа е кандидатот на СДСМ. Тоа е вистинското лице на Пендаровски и неговиот ментор Црвенковски кој го стори истиот чин. Елитизам и одвоеност од народот и граѓаните. комплекс на повисока вредност во однос на секој од вас. Добро е што за оваа болест има лек. Лекот е гласачкото ливче и терапијаа може да им ја дадете на 13 април со заокружување на Претседателот Иванов. Да им покажеме дека ниту се, ниту биле, ниту ќе бидат дел од народот. Со таквото однесување може да бидат модел само на неколкуте нивни транзициски олигарси – истакна Јанкулоска.
Таа потсети дека деновиве Грција барала од EHF да се тргнело името Македонија од дресовите на нашите ракометни репрезентативци.
-Ставот на Претседателот Иванов по однос на прашањето за името го знам. Го знаете и вие. Го знаат и странците. Нема тргување и нема цена на идентитетот. Ставот на Стево не го знаеме. Само гледаме дека е фаворит на грчките медиуми кои со него очекуваат полесно решавање на нивниот проблем. Знаеме дека Заев сакаше да ја витка кичмата, а дека за Радмила Шекеринска за оспорувањето на нашето име и на нашиот идентитет подеднакво беа виновни и Македонија и Грција. На Црвенковски не му сметаа придавки или додавки. Стево молчи за ваквите ставови на неговите ментори. За него знаеме само дека имаше едно име пред неколку години, а сега има друго име. Дали е тоа неговиот однос кон имињата и идентитетот – рече министерката.
Таа повика да не дозволиме Пендаровски и неговите ментори да продолжат да се шегуваат со нас и да си играат мајтап на наша сметка. Повика и на масовност на изборите закажани за 13-ти и 27-ми април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



