| четврток, 6 декември 2018 |

Караваџо се отрул од сопствените сликарски бои

Животот на уметникот, како и смртта, се само една од мистериите на сликарството. Неговото дело, до крајот на 19 век не е многу ценето, а потоа е признаено како едно од најважните и најреволуционерни дела во историјата на сликарството

Karavago-1

Смртта на Караваџо и денес привлекува многу истражувачи и научници. Неодамна професорот Винченцо Пачели од Универзитетот во Неапол објави дека нашол доказ дека уметникот бил убиен од Малтешкиот ред поради одмазда. Според документите откриени во архивата на Ватикан, неговото тело било фрлено во морето. Потврда на ова мислење е и фактот дека не се знае каде е погребан и дека со години се бара неговиот гроб. Сепак, теоријата дека се отрул со бои ја форсираат и научниците што неодамна открија една гробница за која сметаат дека е на Караваџо, а во која нашле и голем процент олово. Познато е дека во времето на Караваџо боите содржеле олово, а и насилниот карактер на Караваџо се смета дека е реакција на оловото.

Животот на Караваџо, како и смртта, се само една од мистериите на сликарството. Неговото сексуално определување, исто така, е предмет на многу истражувања. Неговото дело, до крајот на 19 век, не е многу ценето, а потоа е признаено како едно од најважните и најреволуционерни дела во историјата на сликарството. Тој создаде нов сликарски јазик за најсветите теми избирајќи модели од улица, од кафеаните и од јавните куќи, создавајќи театрален реализам во сликарството и утврдувајќи го местото на правецот подоцна наречен барок. Неговото влијание се смета за рамно на тоа на неговиот имењак, Микеланџело Буонароти.

Кога кон крајот на минатата година истражувачите на Болоњскиот универзитет во местото Порто Ерколе, северно од Рим, на Тиренско Море ги открија посмртните останки на познатиот италијански сликар Микеланџело Мерсиј, познат по името Караваџо, светската јавност стана на нозе. Веднаш беа одново прегледани сите теории за неговата смрт, почнувајќи од таа дека е убиен поради убиството на едно момче во Рим, па сѐ до таму дека им подлегнал на последиците од тифус и од маларија. Форензичката анализа на коските, за која со анализа на ДНК и со методот Ц 14 е докажано дека му припаѓаат на големиот сликар, доведе со сосема ново и неверојатно откритие за вистинските причини за смртта. Големиот уметник Караваџо, според овие анализи, со 85 проценти точност починал од труење од сопствените сликарски бои. Имено, познато е дека Караваџо не обрнувал многу внимание на хигиената, па наоколу шетал измачкан со боите, за кои подоцна е утврдено дека биле токсични.

Поради неговиот бурен живот, убиството и долгогодишното бегање од законот и поради многубројните физички пресметки во кои често се впуштал, јавноста претпоставуваше дека причините за смртта на Караваџо ќе бидат многу подраматични. Ваков исход речиси никој не очекуваше, но, секако, тоа и дава една нова иронична нота на биографијата на големиот сликар. Излегува дека и покрај сите ужаси што ги направил и болестите од кои во животот попатно заболел, сепак на крајот го убила неговата уметност.

Karavago-3

Караваџо уште за време на неговиот живот го сметале за таинствена, бунтовна и опасна личност.

– По двонеделна работа, тој се влечкал од забава на забава со меч на појас и со слуга, секогаш подготвен за караница или за тепачка – велат податоците од 1604 година за неговиот карактер.

Животот на Микеланџело Мериси, познат како Караваџо, бил речиси драматичен и живописен колку и неговото сликарско творештво, кое му донело општо признание на втемелувач на барокот и на еден од највлијателните сликари на сите времиња. Иако за време на неговиот живот бил исклучително славен и влијателен, Караваџо по смртта со векови бил речиси во целост заборавен.

– Без Караваџо не би постоеле ниту Де Рибера, Вермер, Де ла Тур и Рембрант, а уметноста на Делакроа, Курбе и Мане би била сосема поинаква – смета Роберто Лонги, еден од највлијателните историчари на уметноста на 20 век.

Karavago-2

Вулканскиот темперамент на Караваџо го доведувал во судир со законот, од кој редовно го спасувале неговите покровители, но откако на 29 мај 1606 година го признал убиството на момчето Рануци Томасони по една караница, тој бил принуден да замине во прогонство во Неапол и на Малта каде што сакал да побара помилување од папата. Таму, надвор од римската јурисдикција и под заштита на семејството Колона, успеал да добие многубројни нарачки за црквите. За време на престојот на Малта, ја насликал својата единствена потпишана слика „Погубувањето на св. Јован Крстител“ (1608). Со одлуката својот потпис да го испише со крвта што прскала од раната на светецот, Караваџо сакал да потсети на некои речиси еднакво фатални и брутални настани од својот живот, а кои впечатливо ги насликал и во „Христовото камшикување“. Откако во Неапол преживеал суров и смртоносен напад, кој поттикнал гласови за неговата смрт, сериозно ранетиот Караваџо се сместил во местото Порто Ерколе, близу Рим, под управа на шпанската власт, чекајќи ја веста за своето помилување. За жал, Караваџо не ја дочекал веста за простувањето бидејќи на 18 јануари 1610 година умрел под неразјаснети околности, не дочекувајќи да наврши 40 години, и по само десет години кариера на уметник.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 82. број на неделникот „Република“, 28.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top