-За овие пет години се работеше многу. Имавме многу работа. Заедно и тоа во услови кога светот го зафати голема криза од 2008 година. Во такви услови Македонија може да постигнува резултати, но доколку работи тимски, заедно, јас и премиерот, заедно со министрите, заедно со локалните власти. Спроведовме реформи речиси во сите области на секојдневниот живот на граѓантие на Македонија. Донесовме многу закони. И затоа создадовме амбиент да доаѓаат странски инвестиции и странски инвеститори во Македонија, истакна кандидатот за претседател Ѓорге Иванов на митингот во Кичево.


-Се сеќавате пред 5 години на ова исто место, беше ладен, дождлив ден, со нас беа и нашите пријатели, пrатениците од шведскиот парламент, заедно со нив, ви кажав дека доаѓам со своја програма. Неодамна дојдов и ви дадов отчет за таа програма. За се што ја добив вашата доверба поднесов отчет, дека се е исполнето, и повеќе од тоа. Но тогаш Ви кажав дека ќе ме препознаете по моите животни принципи. Дека сум чесен, дека сум искрен и дека сум вреден. После пет години повторно сум тука. Повторно со нова програма да ја барам Вашата доверба. Но, и да Ви кажам дека сум истиот. Функцијата не ме променила. Истиот сум што бев и пред пет години. Покажавме дека Македонија е зрела држава. Дека носиме сопствени одлуки што ги бараат граѓаните на Република Македонија. Не сме мали за големи успеси. Успеси, кои ги постигнуваме на секое поле, и во дипломатијата, и во економијата, и во земјоделството и во инфраструктурата, и во спортот и во културата.Сето тоа го постигнавме затоа што работевме како тим.
Иванов подвлече дека успешно биле надминати сите предизвиците и надворешните и внатрешните.

-Најголемиот надворешен предизвик со кој се соочуваме како држава е блокадата од нашиот јужен сосед, кој од нас бара да се откажеме од сопствениот идентитет. Бара да престанеме да бидеме она што отсекогаш сме биле. Но, не потклекнавме и не потклекнуваме. Не дозволивме блокадите да нè поколебаат на нашиот европски пат. Ја градиме Европа во Македонија и ја интегрираме Македонија во Европската унија. Поставуваме европски стандарди, европски критериуми во Македонија. Затоа и добивме пет позитивни извештаи од Европската комисија и пет препораки за да почнеме со преговори за во Европската унија. Слушам некој деновиве велат дека ништо не било направено во Македонија. Замислете, тие земји – членки на НАТО, на Европската комисија и Европскиот парламент, кои ги донеле овие препораки, им кажуваат дека нивните заклучоци биле погрешни, неточни. Не заслужува коментар. Каде и да одев, а бев на многу посети, и меѓународни настани, многу посети, секаде бев Вашиот глас. Го кажував и го пренесував тоа што Вие мене ми го кажувавте. Затоа имав храброст да кажам дека нема да прифатам извештај за нас, без нас. Знаеме што ни оставиле во завет нашите предци и знаеме што треба да сочуваме за нашите потомци. Затоа имав и храброст да кажам дека нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.
Кандидатот на Коалицијата „За подобра Македонија“ Иванов, истакна дека нема да се дозволи Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени.

-Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за иднината на Македонија. Дозволете да го поздравам вашиот кичевчанец, мојот драг пријател, Антонио Милошоски. Како што спомна и тој, кога беше министер за надворешни работи, заедно биевме многу битки. И во Генералното Собрание на Обединетите Нации и на самитите на НАТО, и при посетите во Брисел, и во Стразбур. Но, Антонио достојно ја претставуваше Македонија пред Меѓународниот суд на правдата каде извојувавме огромна дипломатска и морална победа. Затоа знам дека вие се гордеете со него. Знам дека се соочивте со предизвик. Уште ја чувствувате направената неправда. Меѓутоа мора да продолжиме да ја градиме Македонија, да го градиме Кичево.
Како што стеблото се крепи на коренот, истакна Иванов, така и нашата иднина, иднината на Македонија се крепи на нашите темели.

-Кичево е вградено во темелите на Македонија. Од тука произлегле славни илинденци, славни учесници во Народноослободителната борба за ослободување на Македонија. Во Подвис, Кичевско, во 1943 година се одржа првата настава на македонски јазик на слободна територија. Од Кичево е и Владимир Полежиноски, доктор на науки на Сорбона, еден од творците на Декларацијата на АСНОМ за основните права на човекот, на демократска Македонија. Во таа Декларација уште 1944 година во првиот член на Декларацијата стои: „Сите граѓани на македонската држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“. Тоа била Македонија, тоа е и сега.

Ние, истакна Иванов, го исполнувме тој завет, затоа и ја чуваме Македонија и македонскиот модел на соживот. Тоа е автентична македонска традиција наследена од претходните генерации, но и политичка и институционална обврска на оваа и на идните генерации.

-Во меѓуетничкиот соживот, ако претходната деценија беше деценија на права, вторава деценија е деценија на права, но и заемни обврски за сите нас. Законот мора да важи еднакво за сите, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Ова се столбови на мојата програма. Само така граѓаните можат да ја остваруваат слободата и да ја уживаат безбедноста, за да работат и да имаат квалитетен живот. Како претседател ќе го бранам државното единство на Република Македонија. Претседател сум на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Тоа го правев и ќе продолжам да го правам ако ја добијам повторно вашата доверба. Соживотот и отвореноста ги негуваме сите заедно. Затоа што сите сме Македонија.
Иванов додаде и дека со успех се гради иднина за Македонија и потсети дека секаде во Македонија се гради.

-Тоа не дојде само од себе. Требаше многу работи да се преземат. Да се донесат многу закони, многу реформи, да се создаде амбиент економијата во Македонија расте. Кога расте економијата, се расте во државата. Расте производството, расте извозот. Растат пензиите, расте и социјалната помош, растат и стипендиите. Сè расте во државата, но само едно нешто опаѓа – опаѓа невработеноста. Од 2006 година кога дојде оваа млада гарнитура на власт во Македонија, предводена од Груевски, отворени се 120.000 нови работни места. Тоа е резултат на тимска работа. Кога се исти целите и на претседателот и премиерот и министрите и градоначалниците. Тогаш Македонија напредува. Тој напредок го гледаме на секое план.
Потсети и дека е создадена бизнис клима за привлекување на многу странски инвеститори.

-Технолошко-индустриските развојни зони се покажаа како успешна политика на Владата. Речиси секаде има индустриски зони. До крајот на годината се очекуваат 14 илјади вработени во тие индустриски зони. Наскоро и технолошко-индустриската развојна зона во Кичево ќе биде функционална. Се привлекуваат странски инвеститори, се отвораат нови работни места. Тоа е од големо значење за економскиот развој на Кичево. Доаѓа голема инвестиција во оваа зона, како што ја најави Милошоски. Компанија од автомобилската индустрија. Пред месец дена ја најавувавме, но сега и знаеме која е – „Сајти Систем“. Со речиси 1.000 вработувања до крајот на годината. 1.000 луѓе во оваа фабрика ќе најдат работни места. Така се мери политиката денес. Тоа е успешна политика. Политика што отвора нови работни места. Ја отвораме Македонија кон нови пазари, градиме нови пријателства. Во соработката со Кина, како што кажа и вицепремиерот Пешевски, успеавме да најдеме средства за автопатот Кичево – Охрид, дел од Коридорот 8, наречен Мајка Тереза, на кој ќе биде најголемиот тунел во Македонија. Веќе е објавен оглас за овие нови автопатишта што се градат низ Македонија, за 670 вработувања. Многу луѓе од Кичево ќе бидат вклучени во изградба на Делницата Кичево – Охрид. Но, се инвестира и во обнова на патот Кичево до Дебар. Се планира и изградба на автопатот од Кичево до Гостивар и се разгледува можноста тоа да се направи и преку јавно приватно партнерство. Веќе е планирана изградбата на нова железничка пруга од Кичево до Лин, во соседна Република Албанија. Сето ова е стратешка инфраструктура. Овој тим го надополнува сето она што беше пропуштено. За да дојдат нови инвеститори, да дојдат нови туристи, да дојдат нови посетители во Македонија.
Потсети дека многу е направено и во образованието, во здравството, во сите области.
-Антонио Милошоски спомна за Правниот факултет во Кичево. Да, помогнав тогаш да се отвори Правниот факултет како претседател на одборот за акредитација. Затоа што на Кичево му треба факултет, за да младите живеат и студираат во своето родно место. Се изградија и фудбалски игралишта и спортска сала. Неколку пати бев за овие пет години во посета на Кичево, се гледав со граѓаните, со поранешниот градоначалник Благоја Деспотовски, кој имаше визија, имаше план как да се развива Кичево. И правеше се да помогнеме да донесеме странски инвеститори. Негово дело е идејата за индустриската зона. За инфраструктурата.
Затоа сум повторно тука, со чист образ, рече Иванов, се што сработив минативе пет години, ми дава основа да повторно ја барам од Вас довербата. Да ја барам довербата за следните пет години. Заедничкиот успех што го постигнавме не мотивира, инспирира и не обединува. Сплотени низ успехот, продолжуваме. Новиот лик на Македонија е Македонија која успева на секој план. Знаеме како тоа да го постигнеме. Затоа и ја добиваме вашата доверба. Затоа и даваме отчет на се што сме сработиле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Локализирани пожарите во околината на Kичево
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме


