Американската вселенска агенција (NASA) во среда одлучи да ги прекине контактите со Русија поради кризата во Украина, со исклучок на соработката во проектот за Меѓународната вселенска станица (ISS), објави телевизиската мрежа NBC. Според одлуката на NASA, нејзините службеници, до неодредено време, не може да патуваат во Русија, ниту да примаат гости од оваа земја. Исто така, забрането им е по електронска пошта да комуницираат или да држат теле- конференции со своите руски колеги и тоа поради, како што е наведено во службениот меморандум, руските акции во Украина. Oд забраната се исклучени активностите врзани за ISS. NASA и Руската вселенска агенција ќе продолжат да работат заедно на одржување на персоналот и операциите на ISS, стои во меморандумот. Но, најавено е дека Агенцијата ќе побара од Конгресот да не се потпира на Русите за испраќање на американски астронаути на ISS, туку да настојува тоа да го прави приватна американска компанија почнувајќи од 2017 година.
Откако ја запре програмата за вселенски шатлови, NASA се фокусираше на ISS и плати речиси 71 милиони долари за едно место во рускиот Сојуз, ракета со која астронаутите слетуваат на ISS. Руската ракета минатата недела одвезе три астронаути до ISS и меѓу нив беше Американецот Стив Свенсон. Вселенската лабораторија е партнерски проект на САД, Русија, Европа, Јапонија и Канада. Американските астронаути се подготвуваат во Русија пред да одлетаат на вселенската станица.
На 4 март Чарлс Болден, претставникот на NASA, рече дека се е нормално во односите со Русија. NASA и минатата недела, по анексијата на Крим, го повтори овој став.
-Не очекуваме сегашната руско-украинска ситуација да влијае на нашата долгогодишна соработка со Русија, која трае неколку децении”, соопшти NASA.
Експертите велат дека не се изненадени од ваквата одлука со оглед на тоа што и други федерални американски агенции ги прекинаа контактите со Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


