Цената на барел сурова нафта во Лондон остана речиси непроменета во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 104,67 долари. На американската берза со барелот се тргуваше по 36 центи пониска цена во однос на вчерашното затворање, од 99,26 долари.
Во оваа недела цената на нафтата на лондонската берза падна за над три долари, со што разликата во цената со онаа на американската берза е најмала од септември минатата година.
Надежите за завршување на осуммесечниот застој во снабдувањето од Либија беа поттикнати од изјавата на владиниот портпарол дека договор со бунтовниците за отворање на клучните нафтени пристаништа би можел да биде постигнат за два-три дена.
Отворањето на нафтените пристаништа на истокот на Либија би ја зголемило понудата за околу 600.000 барели дневно. Сепак, некои аналитичари и натаму се внимателни.
-Нема да ја исклучам можноста дека станува збор за уште едно празно ветување, кое сепак дефинитивно ќе влијае врз расположението на пазарот“, рече Тан Чи Тан, аналитичар во Phillips Futures.
Либиското производство на сурова нафта падна на околу 150.000 барели дневно, од 1,4 милиони колку што изнесуваше во јули кога започна бранот протести во државата, која поради близината до Европа важи за стратешките енергетски снабдувач.
Краткорочно побарувачка за либиска нафта веројатно ќе биде ограничена поради сомневањата околу доверливоста и очекуваните повисоки трошоци за транспорт и осигурување, со оглед на неодамнешните судири.
На американската берза падот е донекаде сопрен од ненадејниот пад на залихите на сурова нафта во минатата недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


