| четврток, 6 декември 2018 |

Изградбата на автопатиштата ќе вработи повеќе од 1.000 лица

mile-janakieski
Почетокот на изградбата на автопатиштата Скопје-Штип и Кичево-Охрид веќе ги даваат првите резултати. – Денес е објавен оглас за вработувањ на еден од подизведувачите за повеќе од 650 лица – изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
– Очекувам наредните денови и другите подизведувачи, а и кинеската компанија да објават повик за поголем број вработени – рече Јанакиески при посетата на Прилеп, каде престојуваше заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според Јанакиески, во текот на оваа година за работа на автопатиштата во земјава треба да се вработат повеќе од 1.000 лица.
– Како Влада инсистиравме и е ставено во договорот, минимум 51 процент од вработените што ќе работат на автопатиштата да бидат македонски граѓани – нагласи Јанакиески, притоа повикувајќи ги сите граѓани што ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсите за работа.
– Ова е добар чекор за да се намали невработеноста во Македонија. Тоа беше една од нашите главни цели – подвлече Јанакиески.
Градежната компанија „Гранит“ денес објави оглас за вработување на 670 лица, што ќе бидат ангажирани за изведување градежни работи на автопатиштата Скопје-Штип и Кичево – Охрид.
Автопатот Скопје-Штип ќе биде долг 47 километри и ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри и е инвестиција од 374 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top