Добра вечер Берово,
Добра вечер и Пехчево,
Добра вечер и за Русиново, и за Двориште, и за Митрашинци, и Будинарци, и Владимирово, и Ратево, и Мачево,
Но да не заборавиме и во Пехчево каде се, Робово, Умлена, Чифлик, Панчарево, Негрево, Црни,
Добра вечер за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија,
Добра вечер за пратениците, и за министрите,
Добра вечер за советниците и градоначалникот,
Добра вечер за сите присутни на градот кој дал многу херои.
Ова е родниот крај на дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп Георгиев Беровски. Водачите на две востанија за ослободување на Македонија на Разловечкото и на македонското Кресненско востание.
Во Берово сум доаѓал и како професор и како претседател. Во Берово еднаш кога ќе дојдете и повторно доаѓате. Повторно и повторно доаѓате. Затоа што Берово знае како да ве прими. Берово со своето гостопримство, со својата љубезност, со својата кујна и со својата традиција.
Затоа минатата година ги донесов сите дипломати, целиот дипломатски кор во Берово за и тие да го почувствуваат беровското гостопримство, беровското чувство за припадност на Македонија. Ме радува и тие што повторно доаѓаат. И повторно доаѓаат. И праќаат свои пријатели да го посетуваат Берово. Е така се сака Македонија. Да се промовира секој убав крај на Македонија, да го знаат сите.
Во Берово имам и пријатели. Младите иноватори. Ги гледам секоја година на саемот на иновации „Макинова“. Да ги поздравам и нив. Затоа што има во Берово, млади и способни луѓе кои што создаваат иновации, креативни и иновативни луѓе, гордост на Берово.
Берово е познато и по многу други нешта. Берово успева. Во Берово се создаваат услови за сите млади луѓе да останат и да живеат во Берово, да не го напуштаат како во минатото. Затоа, кога и да одам во странство, кога ќе ги видам младите иселени беровчани, им велам дојдете да видите што се прави во Берово со новиот градоначалник. Да видите кои се условите кои се создаваат. Како се планира индустриска зона, како се планира да се развива зимскиот туризам, ски патеката се отвора да се создаваат услови беровчани да живеат достоен живот. Да покажат дека може да се живее од свој труд.
Затоа, работевме единствено. Работевме заедно со Владата, со премиерот, со министрите, со пратениците, со градоначалниците. Се посветивме на земјоделието, на индустријата, на образованието, спортот, културата, секаде да има успех во Македонија.
Се што беше вложено во спортот, спортистите ни враќаат со учество на меѓународни натпревари и не прават горди кога ги гледаме како победуваат. Нашите пејачи исто така не прават горди, нашите актери исто така, но и нашите научници, и нашите бизнисмени кога создаваат производи по кое е претпознатлива Македонија. Тука бев на овој плоштад да ги видам сите производи што ги создава беровскиот крај. И квалитетниот мед и познатото квалитетното беровско сирење, и беровскиот компир и сите специјалитети што ги нудат беровчани по кои се претпознатливи. Секој крај си има своја специфичност, а Берово, токму по тоа е претпознатливо. И затоа доаѓаат луѓето да го видат, да го посетат Берово.
Во услови на голема економска криза од 2008 година, многу европски економии тешко се справуваа со тие предизвици. Но од 2006 година во Македонија дојде еден млад тим предводен од Никола Груевски. Се вратија наши успешни луѓе. Успешни луѓе од меѓународни институции, од меѓународни корпорации се вратија во Македонија за да и помогнат на Македонија. Дури имаме и син на иселеник кој се родил во Америка Џери Наумов, кој дојде да биде министер во Владата на Груевски. Да се привлекуваат странски инвеститори и да се дава пример дека треба успешните да се враќаат во Македонија. Затоа што Македонија расте и се развива.
Некој зборат за нови лица во Македонија. Јас ќе кажам Македонија има нов лик. Македонија во која што се градат автопатишта, Македонија во која што се градат фабрики, Македонија во која што се привлекуваат странски инвестиции, кој создава производи со брендот Македонија. Тоа е успешна Македонија. Но до сето тоа да се дојде мораше да се спроведат многу реформи. Мораше многу закони да се изменат, да се носат закони. Мораше да се оди по многу дестинации во светот, да се убедуваат бизнисмените да доаѓаат и да инвестираат во Македонија. Е, тоа е новото лице на Македонија, за кое што требаше многу труд, многу посветеност, но и државно единство, со ист глас да се збори и од претседателот и од премиерот, и од министрите. Еден глас да се слуша од Македонија. Тоа е Македонија која успева. Затоа ја барам повторно довербата од Вас.
Пред пет години, на ова исто место ви кажав дека сум еден за сите. Пет години бев гласот на сите граѓани на Македонија. Пет години посветував внимание на секого во Македонија. Многу работи правев, во многу работи помагавме. Но не сакавме за тоа да се знае. Не воспитале дека тој што дава треба да заборава, а тој што прима треба да памти. Многу работи направиме и тука во Берово за децата кои што беа згрижени во Домот. Направивме многу работи со децата од аутизам, ги собрав, бидејќи денес е денот на аутизмот и на нив да им посветиме внимание. Прв пат во Кабинет на Претседател ги отворивме вратите со мојата сопруга да дојдат родителите и децата да видат дека некој мисли на нив. И каде и да одевме баравме помош и поддршка, донации, но и совети, за тие родители кои навистина им е тешко со такви деца. Да видат дека не се осамени. Дека некој мисли на нив.
Постојано водиме грижа и за социјално незгрижените лица за кои што во Берово се направија и станови. Мислиме и за социјално ранливите категории. Затоа минатиот пат со градоначалникот го посетивме ромското маало. Да видиме што се се прави за Ромите. Како 40 деца од ромска националност посетуваат градинка бесплатно. Како се направија во Берово веќе 50 станови кои се вселени од социјално ранливи групи. Така се сака Македонија. Се мисли за секој, не само за себе и за своите. Македонија има големо срце и тоа го покажува, преку своите луѓе. Затоа мислиме и за земјоделците и за стечајците, и за рударите, но и за професионалните војници и за нив најдовме решение. Наоѓаме за секоја категорија граѓани начин како да им помогнеме. Но помагаме затоа што економијата ни расте. Во услови на најголема криза во Македонија економијата расте за оваа година беа предвидени 3,3% пораст на бруто домашниот производ, а гувернерот кажа не, има 3,7%. Значи кога многу економии опаѓаат, нашата економија расте. Но треба уште да расте, затоа што многу години се работело недомаќински. Многу можности биле испуштени, многу инфраструктурни проекти кои што требало во минатото да се прават, не биле направени. Но сега сме посветени сето тоа да го надокнадиме. И повторо да расте економијата. Оти кога расте економијата, се расте во државата. Растат и платите и пензиите, и субвенциите и стипендиите, се расте, а опаѓа невработеноста. Од 39% невработеност во Македонија се симна на 28%. Невработеноста опаѓа и ќе продолжи да опаѓа. Затоа се што беше создадено, сега ги дава резултатите. Во индустриските зони, повеќе од 7 илјади луѓе се вработија само оваа година. До крајот на годината 14 илјади. Нема место каде што не се создаваат парцели за да можат да доаѓаат странски инвеститори, но и нашите инвеститори под исти услови да создаваат нови работни места. По тоа се мери денес политиката. Политиката не се мери по убави зборови, по празни ветувања, политиката се мери по бројот на отворени работни места. 120 илјади работни места се отворени кога дојдоа овие млади луѓе во Македонија. Затоа ги поддржувам, затоа стојам зад нив, и затоа обезбедувам политичка поддршка за секој нивен проект кога одам да ги посетам другите земји. Секогаш со мене носам или некој министер, носам бизнисмени со мене. Да го промовираме новиот амбиент на Македонија. Дека Македонија станува дестинација за успех, земја во која се успева, во најтешки услови. И затоа ќе успееме.
Се што сме поставиле како цел ќе го оствариме. Наша стратешка цел е да бидеме во НАТО, да бидеме и во Европската унија. Ги знаеме сите блокади на тој пат. Но не потклекнуваме. Ги исполнуваме сите барања што ни се доставени до нас. И затоа добивме пет извештаи, позитивни извештаи и препораки за почеток за преговори во Европската унија.
Во НАТО сме посветени како да сме членка на НАТО. Учествуваме во секоја мировна мисија во која сме поканети. Ги имаме највисоките стандарди на нашите војници официри. Така се гради Македонија. Така се создава амбиент да успева Македонија.
Еднаш кажав и ќе повторам – што е наше ќе си дојде. Но ние да сме посветени, обединети и да имаме еден глас надвор од Македонија. Да имаме државно единство и сите институции заедно да работат и да функционираат за доброто на граѓаните на Македонија.
Затоа што сите сме ние Македонија.
Затоа што изборот е Македонија.
Затоа што Македонија ни е пред се.
Државата ни е пред се. Да сте живи и здрави.
Да живее и Берово и Пехчево.
Да живеат сите граѓани од сите населени места во овој прекрасен крај на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево