Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили се победници на минатогодишниот проект на Модната недела во Скопје „Поп! Мода“. Проектот се одржа лани, на априлското издание на Модната недела, во соработка со американската амабасада и текстилниот кластер на Македонија.
Тројцата дизајнери на деветтото издание, кое ќе се одржи од први до шести април, првпат ќе се претстават со свои колекции и со моден перформанс. Мили својата колекција ќе ја претстави на 4 април на модната недела во Скопје.
Неговата колекција се вика „Русалка“, за убава, бела, нежна, невина и навидум безопасна жена.
– Облечена во долг и бел фустан со цветни венци на главата. Живее покрај чисти и бистри шумски води. Таа е млада невеста, девица. Таа е русалка. Колекцијата е инспирирана од ликот на старословенските митолошки суштества русалки, што претставува жена- нимфа и самовила. Се верува дека краделе деца, новороденчиња и ги убивале. Нејзин плен биле и мажите, кои завршувале удавени во нејзините води. Ноќта по полноќ е утрото на русалките. Тие се будат и нежно излегуваат од длабочините на чистите шумски води. И веднаш почнува нивната игра. Неколку девојки со долги коси и долги бели фустани фатени за раце пеат и танцуваат околу својот плен. Никој не може да одолее на нивната убавина и песна, а нивниот транс оди дотаму што мажите завршуваат мртви пред нозете на овие преубави девојки. Старословенската култура и митологија прераскажани на еден нов и софистициран начин. Комбинацијата склопена во оваа колекција претставува модерен изглед за секоја жена – ја објаснува Мили својата колекција.
Колекцијата е изградена врз база на материјали што изгледаат природно, но, во суштина, се вештачки добиени, како и комбинација на природни материјали, како што се францускиот тул, бел штоф, свилен жоржет и слично. Формите и кроевите се базични, женствени силуети надополнети со преголеми форми на капути, долги здолништа…
– Мојата колекција „Русалка“ е висока мода, Наменета е за жени што имаат храброст да се соочат со своите имагинации, жени што се издвојуваат од толпата, жени што не се плашат од околината, жени што имаат отворен поглед кон сексуалноста и кои се гордеат со своето тело – објаснува Мили.
Иако е млад, Алмир веќе е познат на модната сцена. Тој е моден и графички дизајнер, но во меѓувреме работи и како моден советник како и моден илустратор. За свои најголеми професионални успеси ги смета неколкуте учества на модниот викенд, „Македонски идол“, соработката како моден илустратор за српското и словенечкото издание на „Ел“ и други.
– Секогаш е убаво кога на млади и талентирани луѓе им се дава можност да ја истакнат својата креативност, а воедно и да стапат на модната сцена како освежување на дотогашната модна сцена. Многу ме возбудува фактот што мојата колекција ќе биде претставена на еден нов и драматичен начин. Сакам интеракција и 15-минутно задоволство за присутните – вели дизајнерот Алмир Мили.
Неговата колекција ќе биде достапна за секој што ќе посака да ја почувствува на својата кожа.
– Јас во моментов работам како главен дизајнер за американската спортска марка „Ди Бјаџо Њујорк“ (Di Biaggio New York) и ми се даваат многу шанси за иднина, меѓу кои и њујоршката модна недела. Но, за тоа – потоа – вели младиот дизајнер.
Неговата колекција нема да се продава, но парчиња ќе може да се изнајмуваат за одредени настани, сценски настапи и слично.
– Таа е дел од мојот магичен свет, кој сам си го создадов и паралелно живеам во него – завршува Мили.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 82. број на неделникот „Република“, 28.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.