Подолго време се занимавате со анализа на анкетите поврзани со избори. Што покажуваат последните неколку циклуси, колку податоците од предизборните анкети се точни, во споредба со официјалните изборни резултати?
Маџоски: Точно е дека истражувањето на јавното мислење како дел од политичката наука во Македонија во последните 15 години достигна значаен напредок. Во таа смисла, според мене, еден мал дел од агенциите и од институтите што се занимаваат со сондажа на јавното мислење ги унапредија своите методи, а со тоа во своите предизборни анкети успеваат многу прецизно да го пресликаат расположението на гласачите. Меѓутоа, бројот на тие соодветни институти и агенции не е поголем од три, евентуално четири. Нам, кои се занимаваме со политички кампањи, ни е познато кои податоци од кои институти можеме да ги сметаме за точни и за прецизни. Веродостојноста на нивните анкети може многу лесно да се провери така што се земаат процентите од нивните последни анкети извршени пред изборниот процес и се споредуваат со официјалните изборни резултати. Во таа насока, предвидувањата на соодветните институти и агенции се многу блиску до официјалните изборни резултати на минатите изборни циклуси.
Од друга страна, сведоци сме дека пред секој изборен циклус се појавуваат фантомски институти и агенции за истражување на јавното мислење, кои служат за еднократна употреба. Тие се појавуваат пред секои избори и потоа ги снемува. Според мене, примарна цел на овие лажни институти и агенции е преку своите однапред фингирани податоци да го формираат јавното мислење, а не да го истражуваат.
Тука, сакам да нагласам дека истражувањето на јавното мислење не е цел сама по себе. Тоа е алатка што им помага на политичките партии да ја унапредат својата политика, да ги утврдат своите предности и недостатоци и соодветно да реагираат, да увидат во кои региони од државата уживаат силна поддршка, во кои региони таа е послаба и слично. Некои од партиите навреме го сфатија тоа и нивните изборни резултати се евидентни.
На што се должи разликата меѓу владејачката партија и опозицијата. Логично е по осум години таа разлика да се намалува?
Маџоски: Не постои едноставен одговор на ова прашање. Најкратко кажано, разликата во рејтинзите меѓу владејачката партија и опозицијата се должи на поголемата методичност, темелност и организација со која располага ВМРО-ДПМНЕ и во исто време на недостигот од тие значајни карактеристики кај СДСМ.
Уште во 2006 година, со самото доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ, таа се декларираше како партија со десна идеологија, меѓутоа пазарноориентирана (Market oriented party). По дефиниција, пазарноориентираните партии за време на своето владеење ја зачувуваат својата идеолошка матрица, но, од друга страна, се трудат да ги задоволат потребите и да ги решат проблемите на што поголем број граѓани, сѐ со цел да биде задоволен најголем дел од „пазарот“ (во овој случај граѓаните). Се работи за еден модерен начин на владеење, кој се користи во најголем дел од западноевропските држави, во кој граѓаните се делат во целни групи и се пристапува кон решавање на проблемите на тие целни групи, паралелно и постојано. На пример: ваучери и намалена партиципација за студентите; зголемување на пензиите, бесплатен јавен превоз и бесплатно бањско лекување за пензионерите; субвенции и подобрување на општата финансиска состојба кај земјоделците; решавање на статусот на голем дел од стечајните работници; зголемување на платите во државната администрација и слично.
Исто така, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт за првпат во Република Македонија беше применет политичкиот маркетинг во својата целосна форма. Тоа значи дека по исполнувањето на предизборните ветувања, оваа партија, по правило, пристапува кон ефективно и ефикасно комуницирање преку рекламни кампањи и кампањи за односи со пошироката јавност во државава сѐ со цел до граѓаните да допрат информациите за тоа каде, во колкав обем и што се сработило. Така што, ефикасната комуникациска стратегија несомнено ѝ донесе голем политички капитал на владејачката партија. Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ во последните 10 години создаде свој „производ и приказна“, кои, како што можеме да видиме, до денешен ден успешно се „продаваат“. Нивната партиска база составена од партиско членство и лојални симпатизери, на сите изборни циклуси од 2006 година, па сѐ до денес, на терен им испорачува од 400.000 до 450.000 гласови.
Од друга страна, опозицијата, дали поради краткиот период откако новото раководство ја презеде партијата, дали поради некои други фактори, сѐ уште се карактеризираат со недостиг од конзистентност, методичност и од истрајност во своето функционирање. И покрај некои, според мене, потенцијално квалитетни кадровски решенија во СДСМ, таа партија сѐ уште не успева да ја надмине границата од 300.000 до 350.000 гласови.
Како заклучок, според податоците со кои располагам, моментната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 100.000 гласови во корист на владејачката партија и очекувам таа разлика во рејтинзите да се отслика и на парламентарните и на претседателските избори. Така што, да се навратиме на вашето првично прашање, не очекувам големи промени во соодносот меѓу двете најголеми политички партии во Република Македонија.
Колку влијае отчетот на партиите врз нивните рејтинзи?
Маџоски: Како што споменав и претходно, отчетот беше воведен од владејачката партија како дел од нејзината комуникациска стратегија. Отчетот го карактеризирам како многу едноставен, но во исто време и функционален начин за комуникација со граѓаните, односно потенцијалните гласачи, за тоа каде, што и во колкав обем сработиле политичките партии. Мислам дека оваа отвореност влијае за поголем рејтинг кај политичките партии.
Минатата година на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ имаше огромна предност во однос на СДСМ. Може ли таа да се истопи за една година?
Маџоски: Теоретски е можно, но во практика тоа е многу тешко остварливо. Како што нагласив и претходно, ВМРО-ДПМЕ во секој момент, на кои било избори, може да испорача од 400.000 до 450.000 гласа. Се работи за организирана партија со јасен концепт. Според мене, бројот на гласачи што владејачката партија континуирано ги добива на секои избори од 2006 година, па сѐ до денес, е сѐ уште недостижен за најголемата опозициска партија.
Од друга страна, иако новото раководство на СДСМ само една година ја води партијата, крајно време е да понуди нов, јасен и препознатлив концепт и успешно да се реконструира. Кај нив е потребен нов позитивен политички производ, нова приказна, која новото раководство се труди да ја понуди, но сето тоа изгледа бледо. Ако сакаат резултати, тие мора да поработат на тој нов политички производ, кој се состои од програма, понуда, имиџ, кадровски решенија, машинерија, препознатливост на партијата и слично. Нивната нова приказна мора да биде јасна и чиста. Уште поважно, таа нова приказна мора да биде професионално споделена со пошироката јавност. Според мене, тие сѐ уште не успеваат да го понудат тој нов концепт. На пример, опозицијата сѐ уште не понуди влада во сенка, една од основните алатки на опозициските партии во демократските држави. Таа мора да понуди алтернатива за решенијата на актуелната власт, секојдневно, паралелно и постојано. Сѐ додека не успеат во тоа, тие нема да мрднат од точката каде што се сега.
Што е тоа што влијае најмногу на гласачите? Дали се тоа лични интереси, идеологија, етнички и национални прашања или нешто друго?
Маџоски: Целосниот одговор на ова прашање, навистина, би бил многу обемен. Наједноставно кажано, тоа би бил некој сублимат од сите наведени влијанија што ги наброивте, плус уште некои други. За да конципирам јасен одговор, ќе ги набројам долгорочните фактори, кои анализите докажаа дека се главната движечка сила во насочувањето на однесувањето на гласачите. Тука би ги издвоил: идеолошката ориентираност, природната потреба за припаѓање кон одреден политички субјект, можноста за лична придобивка од припадноста кон одреден политички субјект, различната поставеност на одреден политички субјект кон националните прашања, состојбата во економијата, безбедносната состојба во државата и социјалната правда. Овие седум фактори се издвојуваат како главните мотиви зошто луѓето се определуваат да поддржат еден или друг политички субјект.
На минатите избори малите партии беа збришани од политичката мапа. Што велат овој пат анкетите, има ли шанси некоја од нив да концентрира доволно гласови за да добие повеќе пратенички места?
Маџоски: Точно е дека поради пропорционалниот изборен модел и Донтовиот модел на пресметка на гласови, ниту една од помалите партии не успеа да добие пратенички мандат на парламентарните избори во 2011 година. Меѓутоа, сметам дека на овие парламентарни избори ситуацијата ќе се смени.
Факт е дека двете најголеми партии од македонскиот блок и двете најголеми партии од албанскиот блок апсорбираат околу 50 проценти од вкупниот електорат во државава. Меѓутоа остануваат повеќе од 40 проценти од вкупниот број граѓани со право на глас, кои не ги поддржуваат овие четири големи партии. Пред сѐ, на овие парламентарни избори, тука ѝ давам шанса на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Моите информации се дека оваа партија само шест месеци од нејзиното формирање успеа да постави сериозна партиска инфраструктура отворајќи 50-ина општински организации низ целата држава со околу 30.000 членови. Oд тоа што успевам да го видам, мислам дека таму постои капацитет, знаење и енергија за токму таа партија да стане доминантна во политичкиот центар. Во нивни прилог оди и тоа дека во поставеноста на политичкиот систем во Македонија има место за една сериозна партија, која би го зазела тој политички центар, имајќи предвид дека нивните гласови се концентрирани во неколку изборни единици, а тоа, несомнено, им оди в прилог. Тука, мора да се калкулира и тоа дека партијата е нова, а со тоа има големи шанси да придобие дел од неопределените гласачи, гласачите што не планираат да излезат да гласаат, разочараните гласачи итн. Исто така, анкетите говорат дека на оваа партија ѝ се загарантирани неколку пратенички мандати, така што тие на овие парламентарни избори имаат сериозни шанси за поволен политички резултат, а на среден рок да станат крупен играч на политичката мапа во Македонија.
Го начнавте прашањето за политичкиот систем во Република Македонија. Што би се случило доколку Македонија биде една изборна единица. Како ќе влијае тоа на распоредот на политичката моќ?
Маџоски: Луѓето што се занимаваат со изборната проблематика знаат дека пропорционалноста на распределбата на пратеничките мандати е правопропорционална со големината на изборната единица. Поголеми изборни единици ќе значат и поголема пропорционалност при распределба на освоените гласови во пратенички мандати. И обратно, помали изборни единици ќе повлечат голем број загубени и неискористени гласови.
Поедноставно кажано, доколку Република Македонија биде конструирана како една изборна единица, веднаш ќе се зголеми бројот на политичките партии што ќе освојат пратенички места во Собранието. Македонија како една изборна единица ќе ја доведе до максимум пропорционалноста при распределување гласови во пратенички мандати, што значи дека таквото решение ќе оди во корист на малите политички партии. На тој начин во парламентот ќе можат да влезат и партии со по четири или пет илјади гласови. Одлуката Република Македонија да биде една изборна единица ќе биде спротивна на интересите на големите партии бидејќи парламентарниот колач ќе треба да го делат со поголем број политички партии, а со тоа при формирање на влада ќе треба да зависат од поддршката на помалите субјекти. Треба да се земе предвид дека ваквото изборно решение може да доведе до нестабилна извршна власт, што отвора простор за постоење чести политички кризи.
Вашата магистерска работа е на тема улогата на неопределените гласачи во изборните резултати. На нив сметаат и власта и опозицијата. Колку тие реално на крајот влијаат на резултатот на изборите?
Маџоски: По правило, влијанието на овие гласачи за тоа кој ќе биде победникот на одредени избори е незначително. Јас во тој труд го обработив прашањето на победникот на парламентарните избори од 2002 година до 2011 година, односно дали неопределените гласачи имале учество во победите на тие избори. Анализирајќи ги податоците од последните четири парламентарни избори во Република Македонија, математички докажав дека неопределените гласачи, па ако сакате и воопшто кампањата, премногу малку влијаат врз изборните резултати што се однесува до победникот. Со други зборови, ниту на СДСМ во 2002 година, ниту на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, 2008 година и во 2011 година не им требале гласовите на неопределените гласачи за да извојуваат победа на конкретните парламентарни избори. Тие ја издејствувале својата победа многу време пред денот на гласање, ако можам да се изразам така. За да ја потврдам хипотезата дека неопределените гласачи немаат есенцијално влијание врз изборните резултати, ги обработив сите претседателски избори што се одржани во Соединетите Американски Држави од 1972 година до 2004 година. Заклучоците беа исти. Во осум од девет обработени претседателски избори, на кандидатите што имале предност во предизборните анкети воопшто не им била потребна поддршката од неопределените гласачи. Само во еден случај од овие девет претседателски избори во САД, во 1976 година во трката помеѓу Џералд Форд и Џими Картер, кандидатот Картер го добил својот мандат со помош на неопределените гласачи. Оттука, тврдењето дека неопределените гласачи го одредуваат победникот на конкретни избори е мит.
Тука би нагласил дека новите партии имаат поголеми шанси да добијат дел од поддршката на неопределените гласачи, а таа поддршка во одредени случаи може да им значи и неколку пратенички места. А што се однесува до победникот на одредени избори, мислам дека уште пред кампањата работите се јасни.
Во таа насока, колку влијае кампањата врз одлуката на граѓаните за тоа на која политичка опција би ѝ го довериле својот глас?
Маџоски: Во принцип, многу малку. Политичката кампања е еден краткорочен фактор за влијание на партиите врз изборното однесување на гласачите. Уште еднаш би акцентирал дека со позитивна и иновативна понуда за време на кампањата, новите партии имаат некакви шанси да освојат дел од неопределените гласачи. Меѓутоа, што се однесува до победникот, тука веќе резултатот е многу извесен. Едноставно кажано, таа партија што ја ужива најголема поддршка во соодветните анкетите еден месец пред изборниот циклус, речиси по правило и ги добива тие избори.
Во таа насока, кога се наоѓаме во средината на изборната кампања, има тенденција кај луѓето, а особено кај медиумите да го преувеличуваат значењето на одредени настани. Во ова спаѓаат гафовите што се случуваат за време на кампањата, контроверзните рекламни кампањи на политичките партии, повеќе или помалку симпатичните политички говори на лидерите на партиите и други моменти што привлекуваат големо внимание за време на кампањата. Меѓутоа, овие моменти немаат мерлив удар врз одлуката на граѓаните за тоа кому ќе му го дадат својот глас на изборниот ден. Медиумите се заинтересирани да го привлечат вниманието на граѓаните, и тоа е разбирливо, но повеќето од сториите и од статиите што ги гледаме или слушаме се фокусирани на работи што се тривијални. Оттука, изборното однесување на граѓаните е детерминирано од други фундаменти.
Генерално гледано, и покрај тоа што е општо прифатено дека кампањите имаат значаен степен на влијание на нивната главна целна група – неопределените гласачи, а со тоа и влијание врз изборните резултати, историјата и анализите го докажуваат спротивното. Меѓутоа, тоа не е ништо ново. Уште во 40-тите години на минатиот век, Пол Лазерсфелд, еден од најпознатите социолози од поново време, на оваа тема напиша: „До еден значаен степен, модерните политички кампањи се завршени уште пред да почнат“. Тој предлага: „Не дека кампањите немаат никакво влијание, меѓутоа модерните политичките кампањи се како една када полна со хемиска течност за развивање фотографии. Хемиското влијание на течноста во кадата е неопходно за да се развие една фотографија, меѓутоа може да биде развиена само фотографија што претходно се наоѓа на филм“.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Ивица Маџоски е објавено во 82. број на неделникот Република, 28.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст