| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Македонија се сака со дела

Пред пет години ја добив Вашата доверба. Се што беше содржано во мојата програма е реализирано, за што Ви го дадов и отчетот за сработеното. Денес сум меѓу Вас со нова програма и ја барам довербата од Вас.

Со овие зборови кандидатот за претседател на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата„За подобра Македонија“, Ѓорге Иванов го започна своето обраќање на вечерашниот митинг пред жителите на Виница.

– Во овие пет години се работеше многу. Во економски рамки се постигна многу затоа што работевме посветено со премиерот Груевски, со пратениците, со градоначалниците. Затоа во Македонија се градат автопати, училишта, градинки. Така се работи со посветеност, истакна Иванов.

Зборувајќи за реализираните проекти, Иванов истакна дека во Македонија се донесени две милијарди странски инвестиции и се вработени 120 илјади лица. Овој тренд на нови вработувања, рече, ќе продолжи годинава кога се предвидени нови 7.000 работни места во повеќе индустриски зони ширум Македонија.

– Во Виница подемот на индустријата е видлив. Австриската текстилна компанија Експорт ќе отвори трета своја фабрика во овој град, која треба да започне да се гради до месец јуни. Компанијата Винчини од Виница најавува 80 вработрувања и освојување на светскиот пазар со своите производи. Македонија ја градиме и како напредна земјоделска земја во која
нашите земјоделеци со субвенциите кои ги добиваат си обезбедуваат добар живот. Во оваа насока Владата обезбеди 500 милиони субвенции за земјоделството во сите негови сегменти-овоштарството, лозарството, тутунопроизводство, сточарството, рече Иванов.

Обраќајќи им се на виничани Иванов истакна дека на Македонија и се потребни тимови кои ќе создаваат победи.

– Такви се спортистите кои победуваат, такви се и музичарите и научниците. Продолжуваме да работиме заедно да создаваме држава и економија во која ќе се отворат нови работни места, зошто Македонија и државата ни се пред се, порача Иванов
Пред граѓаните на Виница зборуваше и министерот за здравство Никола Тодоров, кој се осврна на реформите во здравството и резултатите од нив.

– Во Штип се гради модерен Медицински центар, во Виница ќе се реконструира постојниот Здравствен дом, ќе се набават современи апаратури, а ќе продолжиме и со едукацијата на доктори и друг медицински персонал во врвни медицински центри низ светот. Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, порано вечерва имаше средба и со жителите на Зрновце. Им порача дека е дел од победничкиот тим кој ја менува Македонија и ја побара нивната доверба.

– Се сеќавам пред пет години со Влатко бевме тука и колку имаше незадоволни земјоделци. Имаше незадоволство од тоа што не беа откупени земјоделските производи, што патиштата беа напуштени, што селаните беа оставени сами на себе. Сами да се грижат за себе. Но, денес гледам колку многу нови патишта се направени. Денес гледам колку субвенции се
поделени. Денес гледам колку има интерес за сите луѓе да ги почувствуваат промените во Македонија, рече Иванов.

Меѓу проектите на Владата тој ги издвои изградбата на автопатот кон Штип, од кој рече, цела источна Македонија ќе почувствува благодет, реновирањето на пругите низ Македонија, изградбата на фабрики и отворање нови 120 илјади работни места од 2006 година наваму, 550 милиона евра за субвенции на земјоделието, зголемувањето на платите,
пензиите се зголемуваат.

– Градоначалникот вели дека 25 улици се реконструирани во оваа година. Четири локални патишта во вредност од 180 илјади евра, исчистени се каналите во полето. Изградена е и училишна спортска сала во училиштето „Синиша Стоилов“ со 187 ученици, инвестиција од 23 милиони денари. Изградено е и повеќенаменско игралиште. Секаде нешто се гради, се создава. Така успева Македонија. Успева со дела. Успева со луѓе кои се посветени и си ја сакаат Македонија. Затоа што сите сме Македонија, порача Иванов во Зрновци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top