Пред 5 години ми ја дадовте вашата доверба, доверба да бидам Претседател на Република Македонија. Се што беше во програмата, со која ја добив вашата доверба е остварено и остварено е многу повеќе од тоа. Сега сум тука за да ја побарам довербата за следните 5 години, истакна кандидатот за претседател на Македонија Ѓорге Иванов на митингот во Дојран.
-Да покажаме дека кога се работи тимски се се гледа и се се чувствува. Изминатите години работевме заедно со премиерот, со министрите, со пратениците, со градоначалниците и сите резултати се видливи. Македонија овие години доби 120.000 нови работни места. Во секоја општина се спроведуваат активности за потребите на граѓаните на тие општини. Се прават патишта, училишта, водоводи, секаде нешто се превзема, како резултат на барањата на граѓаните. Честопати доаѓав во Дојран во изминатите 5 години. Тука е мојот роден крај, ме потсетува на детството, кога Дојран беше во најубавите години, кога немаше дете од Македонија што не беше донесено тука да ја почувствува лековитоста на Дојранското езеро, климата во Дојран и гостопримството на народот овде. Ме радува што Дојран повторно го враќа стариот сјај и станува многу поубав. Не само што се наполни езерото, туку Дојран станува се попривлечна туристичка дестинација.
Иванов потсети дека на Водици, во Дојран ги донесе сите амбасадори да ги видат потенцијалите во овој крај на Македонија, потенцијалите во туризмот, во земјоделието и во индустријата.
-Го донесов тука и српскиот претседател Николиќ, донесов и многу бизнисмени со цел да го развиеме овој крај. Така се работи тимски, така се развива Македонија.
Кандидатот за претседател Иванов подвлече и дека во Македонија се градат автопатишта, се отвораат фабрики и нови работни места.
-За сето тоа треба многу труд, знаење и умешност. Овој млад тим на чело со премиерот Груевски на сите посети во странство настојуваа да привлечат странски инвестиции и за тоа имаа политичка поддршка. Секаде помагав да се претстави новото лице на Македонија. Македонија како земја која има најповолни услови за странски инвестиции, како земја во која се образуваат младите луѓе, земја во која се даваат стипендии. Инвестицијата во знаењето е најисплатливата инвестиција. Целиот мандат ми беше посветен на младите. Бев со нив за да ги мотивирам, бидејќи како професор знаев што им недостасува на младите, самодоверба и мотивација. Формиравме и Школа за млади лидери, на која поминаа 150 млади луѓе за да бидат лидери. Останува она што ќе го инвестираме во младите, зашто младите треба да го продолжат она што ни е оставено како завет од нашите предци, да ја чуваме и сакаме Македонија.
Тој пред дојранчани истакна дека се вложиле максимални напори за да се подобри животот на сите луѓе што живеат во Македонија и дека тоа се постигнува само кога се работи тимски.
-Пред 2 години имаше проблем со крајбрежјето на Дојранското езеро и не можеше да се најде механизација за да го среди тој проблем. Заедно со началникот на Генералштабот, ја донесоваме армијата да го уреди крајбрежјето на Дојранското езеро, каде сега има прекрасна пешачка патека. Кога се среќавам со странски државници им порачувам да одат на југот на Македонија, за да видат какви се односите со нашиот јужен сосед. Ќе видите дека нема никаков проблем со граѓаните на Грција кои претстојуваат овде, ниту некаков проблем имаат нашите бизнисмени кои работата со грчките бизнисмени. Тоа треба да го следат и грчките политичари, да ја следат новата реалност која ја создаваат луѓето меѓу себе.
Според Иванов, Дојран е пример каква треба да биде идинината на Европа.
-Ни треба Европа за да не се чувствува границата која разделува, туку границата која спојува. Затоа сите проблеми кои ни ги оставиле другите во наследство, ги решаваме со дијалог и со посветеност. Знаеме дека ќе дојдеме до решение, но ќе ја сочуваме нашата посебност, гордост и аманетот од нашите предци. Затоа целата моја политика беше политика на отвореност кон сите, на дијалог, разбирање и почитување. Затоа сакаме Европа да биде во Македонија и Македонија во Европа – додаде Иванов пред големата маса луѓе на митингот во Дојран.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани




