
Никола Груевски е доволно долго на политичката сцена како лидер на партија, но и премиер и луѓето во Македонија имаа можност да го видат неговото однесување во сите можни предизвици кои ги имаше државата во изминатиот период. Тоа што никој не може да го оспори е дека ги исполнува своите ветувања. И тоа е клучната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и овие претседателски и парламентарни избори ќе доведат до уште две, овој пат најголеми, изборни пообеди. Вака политичкиот аналитичар, Александар Пандов, во интервјуто за Пресс24 ја анализира предизборната атмосфера во Македонија. Тоа е и клучната причина за поразите на СДСМ изминатите неколку изборни циклуси, што не можат да разберат дека Груевски наметна една нова политика, која во СДСМ не можат да ја следат. Политика да се реализира тоа што се ветува.
– Каков човек треба да бидеш за да 7 пати по ред губиш на отворена сцена, да те чека марс во најава, што ќе рече уште два нови пораза, а ти и натаму седиш во таа партија и да пропагираш нивна политика. Малку би било да кажам дека треба да имаш тврда глава. Тука се работи за склоп на мазохизам, самонегација, фрустрации од детство и ред работи кои кај тие луѓе предизвикува чувство на задоволство по секој нареден пораз. Но, од друга страна, пак, знам дека таму има и луѓе кои, сепак, поразот го доживуваат како пораз, како и останатите луѓе. Кај нив мислам дека лончето е прекипано и претходно, а сега, после овие избори, според мене, тие или ќе се приклучат кон веќе постојните партии на Зиков и Јакимовски или ќе формираат нова партија или партии – вели Пандов анализирајќи ја безидејноста на опозицијата.
Тој истакна дека Македонија со Груевски како премиер и Иванов како претседател покажа како треба да функционира една држава.
– Иванов крајно чесно и достоинствено си ја извршуваше својата функција. Неговата координираност со Владата, секако, придонесе да имаме уште поединствена и поцврста надворешна политика по сите најчувствителни прашања. Ваквиот начин на водење на државата треба да биде пример на секој нареден претседател, без разлика од која и да е партија – вели Пандов за „Прес24“.
Во интервјуто тој истакнува дека претседателските кандидати мора да имаат јасен и чист став за стратегиските интереси на државата, како што е прашањето за името. Досега вели, само од Стево Пендаровски не слушнал кој е неговиот став за тоа како треба да се реши тоа прашање.
– Од Пендаровски не верувам дека ќе слушнеме јасен став. Конечно, партијата која го поддржува има тотално различен став од ставот на Владата. А, добро еве и Пендаровски и СДСМ да излезат со некој став. И што? Кој став по ред ќе им биде? Кој ќе им верува на тој став? Погледнете за какви циркузанти се работи со последново, околу пратеничките листи. Ги објавија и, како обично бидува кај нив, не додржаа ни 24 часа, ги повлекоа. Сакам да кажам, кај нив кажаното ретко има подолга важност од еден ден, па и луѓето не ги земаат за нешто многу озбилно кажаните им ставови – вели Пандов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


