Македонија докажа дека е дел од најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“. Рекорден број локации го исклучија осветлувањето во текот на оваа волонтерска акција. Плоштадот „Македонија“ потона во мрак во 20.30 часот, а потоа со запалени свеќи се формираше бројот 60+ што означува 60-минутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени. Во исто време волонтери од Црвен крст на Република Македонија низ сите 35 општински организации на Црвениот крст низ земјава и Црвен крст на Град Скопје симболично го одбележаа „Часот на планетата Земја“ на предвидените локации за исклучување низ Македонија.
И „Скопје сити мол“ потона во мрак за „Часот на планетата Земја“. Во период од еден час беше исклучена илуминацијата на објектот, но, исто така, беше редуцирано осветлувањето и во внатрешноста.
Прекрасни фотографии и видеа пристигнаа и од одбележувањето на „Часот на планетата Земја“ и во скопските општини Аеродром и Кисела Вода, каде што беа исклучени големите паркови на нивната територија.
И градот Охрид со неверојатно одбележување на оваа светска акција. Во 20.30 часот во мрак потонаа комплексот Канео, Самуиловата тврдина и споменикот „Свети Климент Охридски“.
– Македонија потона во мрак за „Часот на планетата Земја“. Покажавме дека ја имаме моќта да направиме промена и да докажеме дека и Македонија е дел од „Часот на планетата Земја!“ – изјави Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата во Македонија.
Македонија е единствена земја од целиот свет чии видеа од исклучувањето на осветлувањето на предвидените локации завршија на три посебни официјални видеа објавени од глобалната организација на Earth Hour.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.