Стартува вториот караван на опозицијата, предводен од СДСМ и партиите кои се во коалција.
– Целта е да посетиме колку што може повеќе места и да се видиме со што повеќе граѓани, рече Зоран Заев, претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Според него, промените во државата ќе се случат. Тие се можни, како што рече, исклучиво ако СДСМ се промени, токму затоа Стево Пендаровски е натпартиски кандидат за претседател на сите граѓани.
– Понудивме нови луѓе, нов концепт, нови конкретни решенија со кои ќе се оствари нашата заедничка визија – економски и демократски променета Република Македонија. На Македонија и се потребни промени. Новиот пристап ќе ги донесе промените, рече Заев.
Според Заев, Нано Ружин не прифатил да биде на кандидатската листа за пратеници зашто отстапил простор за младите луѓе. Веројатно, како што рече, има аспирации за извршната власт.
– Како што се раздвоивме со ВМРО-Народна и со Достоинство, раздвојувањето со Либералната партија е поради специфичноста што ја носат парламентарните избори. Премногу сме различни во концепциите што им ги нудиме на граѓаните. Не сакаме да испраќаме двосмислени и непрецизни пораки, рече Заев.
Раководството на СДСМ денеска остварува средби со граѓани во Прилеп и Прилепско.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.