| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски порача дека на Македонија ѝ треба претседател кој ќе дава поддршка за реформите

Тој потсети на дел од остварените резултати кои што тимот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, предводен од двоецот Груевски-Иванов, ги постигна во изминатиот период

pesevski
Претседател на државата е највисоката функција која постои во Македонија и преку човекот што ја врши таа функција се врши најсилната презентација на нашата нација, на нашата култура, на нашата историја, на она што сакаме да му кажеме на светот што е Македонија и какви се Македонците. Истовремено, Претседател на државата е функција која ја сплотува целата нација, функција преку која се решаваат најтешките внатрешни проблеми кога тие ќе се јават, функција преку која се дава насока во кој правец се движи земјата, порача Владимир Пешевски, вицепремиерот во Владата на Република Македонија од Крива Паланка.
Тој потсети на дел од остварените резултати кои што тимот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, предводен од двоецот Груевски-Иванов, ги постигна во изминатиот период.
– Од 2006 до 2013 година, во период кога во светот владееше и во добар дел од Европа се уште владее економска криза, ние отворивме 120.000 нови работни места. Успеавме да создадеме услови со кој економијата порасна за 60%, остваривме пораст на нето платите во земјата за 60 проценти остваривме пораст на извозот за 67 проценти, се зголемија бруто инвестициите за 90 проценти се зголеми бројот на странските туристи за 98 проценти, успеавме да донесеме странски инвестиции во вредност од речиси 2 милјарди евра.
Успеавме да реализираме низа на стратешки инфраструктурни проекти. Ги изградивме и обновивме нашите два најважни аеродроми во Скопје и Охрид. Успеавме да договориме и да почнеме со реализација на три нови автопати во должина од 155 км, кои се градат низ најтешките предели, нешто што никогаш во историјата на нашата земја досега се нема случено. Реконструиравме и ги обновуваме старите автопатишта, ги рехабилитираме железничките правци по коридорот 10 и ја обновуваме железничката инфраструктура, и отпочнавме со градба на нови железнички правци по коридорот 8. Изградивме или почнавме со градба на неколку слободни економски зони, каде доаѓаат и ќе доаѓаат инвеститори од многу земји, да инвестираат во нови фабрики и да се отвараат нови работни места – изјави Пешевски.
Тој говореше и за реконструкција на огромен број на локални и регионални патишта, изградба и реконструцкија над 300 училишта, голем број на спортски и културни објекти, за капиталните инвестиции во здравството.
– Ги донесовме „Џонсон Контролс“ „Џонсон Мети“, „Драксел Маер“, „Кромберг“, „Шуберт“, „Џеваир Холдинг“ , „ТАВ“,„Кемет Електроникс“, „Маркарт“. Спроведовме политики и мерки со кои ги зголемивме платите во јавната администрација, ги зголемивме пензиите, социјалната помош и субвенциите во земјоделието. На сите невработени им овозможивме бесплатно здравствено осигурување. Ги намаливме даноците на огромен број на производи и услуги, спроведовме мерки за намалување на цените на лековите, ги намаливме цените за студирање на државните универзитети, ги намаливме цените на телекомуникациските услуги. Претседателот Иванов беше со нас во речиси сите овие проекти. И тоа не само со подршката на законите кои беа многу важни во креирање на бизнис климата. Претседателот Иванов се вклучуваше директно и во конкретни проекти кога ќе оценевме заеднички дека може да помогне – рече Пешевски.
Денес инвеститорите низ светот имаат многу држави каде што можат да ги насочат своите инвестиции.
– Ние напорно се бориме и работиме да ги донесеме кај нас. Но, на најмали знаци на нестабилност или несигурност во една земја тие се повлекуваат. Впрочем и ние имавме неколку такви искуства, кога поради еден инцидент или серија на лоши изјави од домашни политичари, во последен момент некои инвеститори носеа одлука да појдат во друга земја наместо во Македонија и со тоа да пропаднат месеци и месеци работа на цел тим. Нашите политички опоненти не гледаат така на изборите и го потценуваат и заплашуваат македонскиот гласач со ширење на погрешни информации дека економијата во Македонија е во опаѓање, дека економските политики биле погрешни, дека претседателот Иванов не требало да дава поддршка на овие политики. Она што СДСМ не сака да го види е дека единственото нешто што е во опаѓање во оваа земја е невработеноста, која ја намаливме во услови на економска криза. Невработеноста што во нивно време растеше и покрај тоа што немаше светска економска криза, невработеноста која со ВМРО-ДПМНЕ опаѓа дури и во услови на светска економска криза. Затоа мојата порака до СДСМ и до кандидатот за претседател Пендаровски е: оставете ја економијата да ја водат луѓе кои знаат како се прави тоа. Оставете ја на тимот на ВМРО-ДПМНЕ, на Груевски, на Иванов. Со ваквите изјави на тимот на СДСМ, тие веќе и нанесуваат штета на Македонија, бидејќи содаваат клима на несигурност и инвеститорите се загрижени дали тоа ќе има негативни последици врз нив. А кога тоа би го правеле од позиција на Претседател на земјата за време на цел еден мандат, штетите ќе бидат ненадоместливи и на внатрешен и на надворешен план.
Она што ни е потребно на сите граѓани е да имаме претседател кој ќе дава подршка, кој ќе биде усогласен со политиките на Владата и на ова поле – подвлече Пешевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top