– Македонија петта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“, во чии рамки утре во 20:30 часот ќе биде исклучено осветлувањето на познати споменици и објекти низ светот.
– Оваа година го имаме најголемиот час за планетата Земја во Македонија. Ќе се исклучи осветлувањето на плоштадот „Македонија“, палатата „Пелистер“ и Ристиќева палата, Камениот мост и Скопското Кале, како и осветлувањето во трговскиот центар „Сити мол“-
рече вечерва на прес-конференција Ѓорги Салков, главен организатор на акцијата во Македонија.
Во Скопје исклучени ќе бидат и големите паркови во Аеродром и Кисела Вода.Оваа година и Охрид ќе се исклучи за часот на планетата Земја. Таму, рече Салков, Самоиловата тврдина и комплексот Канео утре од 20:30 часот ќе потонат во мрак.
Во акцијата со поддршка ќе се вклучи и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како официјален координатор за климатските промени во Македонија, а втора година по ред и Црвениот крст на Македонија со 35 општински организации.
Теодора Грнчаровска, национален кординатор за климатски промени во МЖСПП истакна дека Министерството преку приклучување во акцијата „Час за планетата Земја“ ја прокламира пораката дека правилното справување со климатските промени бара одговор и
акција од сите.
– Токму затоа се приклучуваме кон оваа најголема граѓанска иницијатива која нема врска со политиките за коишто е задолжено Министерството, меѓутоа има врска токму во промовирање на партнерството потребно за правилно справување со климатските промени – рече Грнчаровска.
Во акцијата се приклучија и „Ноќните волци“ од Македонија кои одбележуваат осум години постоење и во објектот каде што утревечер ќе слават, од 20:30 до 21:30 ќе ги исклучат светлата.
Часот на планетата Земја е најголема волонтерска акција со еколошки карактер, која има цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



