| четврток, 6 декември 2018 |

Прототип што со нетрпение се очекува на пазарот

Исто како и основниот модел 4C и кабриолетот е претставен како прототип, кој треба да почне со производство во втората половина на 2014 година, додека првите модели треба да се појават во продажба на почетокот на следната година

Сѐ до почетокот на Саемот во Женева, „Алфа Ромео“ успешно го криеше концептот од очите на јавноста и првите фотографии се појавија по официјалното претставување минатата недела.

Италијанскиот производител успеа своето купе 4C да го претвори во исклучителен, складен и убав кабриолет „4C спајдер“. Дизајнот во најголема мера е преземен од 4C. Цврстиот покрив е заменет со платнен, кој лесно се склопува во багажниот простор, додека зад кабината е вградена заштитна рамка од јаглеродни влакна.

Исто како и кај основниот модел и кај кабриолетот се користени ултралесни материјали за деловите од каросеријата, како што е рамката за предното ветробранско стакло. Поради тоа „спајдер“ е потежок од 4C само 60 килограми, и неговата тежина сега изнесува 955 килограми.

alfa-romeo-4c-spider-concept-from-above

Концептот претставен во Женева има две централни издувни цевки изработени од титаниум и од јаглеродни влакна, кои специјално ги изработи специјализираната фирма „Акраповиќ“. Кабриолетот се разликува од купето и по изработката на куќиштето за фаровите и по новите алуминиумските фелни. Тоа што остана непроменето е моторот, кој како и кај купето е 1,75-литарски бензински мотор со турбополнач, кој испорачува 245 коњски сили со 350 њутн-метри обртен момент. Силата на моторот се пренесува на задните тркала преку шестотепен TCT-менувач со двојна оска, кој освен автоматски има секвенциски режим на работа, а командите се наоѓаат на воланот. Автомобилот забрзува од 0 до 100 километри за 4,5-секунди, а максималната брзина е електроски ограничена на 250 километри на час.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top