Градот Скопје доделува 1.500 садници за сите заинтересирани урбани и месни заедници, куќни совети и образовни институции. Ова е традиционална пролетна акција на Градот.
– Заинтересираните урбани месни заедници, куќни совети и образовни институции треба да поднесат барање за доделување садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82. Субјектите во барањето треба да го наведат видот на садниците што бараат да им се доделат, бројот и точната локација на којашто планираат да ги засадат дрвцата. На барањето треба да стои печат од куќниот совет, урбаната месна заедница или од образовната институција – информираат од Градот.
На куќните совети и образовните институции на коишто ќе им бидат одобрени барањата, во оваа акција ќе им се доделат најмногу 10 (десет), а на урбаните месни заедници по 15 (петнаесет) садници.
Барањата за добивање садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје може да се доставуваат од 28 март до 04 април 2014 година, а решенијата и садниците ќе може да ги подигнат од 07 до 11 април од ЈП „Паркови и зеленило“ во Градски парк или од расадникот во населба Бутел.
Акцијата на Град Скопје за доделување садници се организира веќе седум години во две етапи, односно напролет и наесен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.