Исчезна првата жена-војник во ЈНА од Малешевијата, 55-годишната Лилјана Георгиева од беровско Мачево. Пет месеци од неа нема ни трага ни глас, па нејзиниот брат, кој живее сам во трошна куќичка во селото, скршен од болка бара одгорвори каде е неговата помала сестра, која била вработена во фирма за обезбедување во општина Берово, хуманитарна активистка во Црвениот крст и крводарителка со 190 пати подарена крв, јавува локалната телевизиска станица „Стар“.
Судбината не била лесна за исчезнатата Лилјана, таа се скришла откако малолетната ќерка ѝ била земена и однесена во дом поради дисфункционалноста на семејството. Па, сега во воздухот лебдат прашањата дали е убиена или се самоубила.
Одговори бараат и нејзините соседи. Нејзините колеги од фирмата за обезбедување со кои Лилјана работела 12 години, едноставно, не сакаа да зборуваат за неа, само потврдија дека во моментот на исчезнување таа била на боледување и оттогаш им се нема јавено.
Каде е Лилјана не знае ни полицијата. Според СВР Штип, нејзиното исчезнување е пријавено на 11 ноември лани. Повеќе детали околу можните траги и истрагата не сакаа да соопштат, освен дека полициски службеници работат на пронаоѓањето на несреќната Лилјана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.