Добровечер Прилеп!
Добровечер Македонијо!
Годинава славиме 70 години од државноста на Македонија. 70 години од АСНОМ.
Се започна тука, во Прилеп, во градот на народното востание за ослободување на Македонија.
Градот што ни ги даде идеологот на Народноослободителната борба, Кузман Јосифовски-Питу и првиот претседател на Македонија, Методија Андонов-Ченто, кого постхумно го одликував со највисокото признание – Орден на Република Македонија.
На првото заседание на АСНОМ, Ченто ни го остави својот завет: „Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото…“
Ги зачувавме слободата и рамноправноста за кои се бореа и се изборија предците. Продолжуваме напред, во нови победи за Македонија, за Прилеп.
Почитувани сограѓани,
5 години сум претседател на сите граѓани, независно од етничката, верската, или која било друга припадност. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи. Еден за сите.
Ми ја дадовте довербата за да ги застапувам вашите интереси. Да бидам вашиот глас каде и да одам. Чесно и одговорно ја вршев функцијата:
Имав преку 450 средби со претседатели, премиери, министри. Се среќавав со нив во странство, но и во Македонија. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави. Во ниту еден миг, на ниту една средба не ја изгубив од предвид основната цел за која ме избравте – да ги бранам интересите на Македонија и да работам за благосостојбата на граѓаните.
Од плодната соработка со Владата произлегоа конкретни резултати за нашата татковина:
- Обезбедивме визна либерализација за вие да можете слободно да патувате низ Европа;
- Добивме пет позитивни извештаи и пет препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија;
- Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија;
- Ја внесовме Македонија во плановите за гасоводот „Јужен тек“.
Гасификацијата на Република Македонија е капитален проект што е веќе во тек. Втората делница од приоритетниот магистрален правец од Неготино ќе минува низ Прилеп, па до Битола во должина од 91 км.
Гасификацијата на Македонија и на Прилеп ќе значи поевтина енергија, пониски цени на македонските производи, повеќе можности за развој на македонската економија и производство. Домаќинствата ќе заштедат на енергија. Прилеп ќе има уште поголем економски раст.
Програмата со која излегов пред вас во 2009 година е исполнета. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.
Пред неколку дена го претставив и отчетот за сработеното.
Покажавме дека знаеме да ги реализираме целите и да ги остваруваме проектите. Знаеме што треба да се направи понатаму.
Денес повторно сум меѓу вас и со чист образ повторно ја барам вашата доверба за да продолжам со истата посветеност, чесност и искреност да работам за Македонија.
Почитувани сограѓани,
На патот на Македонија кон Европа се соочуваме со блокада од јужниот сосед кој веќе две децении нè уценува и бара од нас да се откажеме од сопствениот идентитет.
Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.
Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени!
Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој освен македонските граѓани нема право да одлучува за иднината на Македонија.
За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум.
Ќе продолжиме со реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор. Македонија ја приближуваме кон Европа. Но, истовремено, Европа ја градиме во Македонија со конкретни проекти. Проекти кои произлегуваат од вашите потреби.
Почитувани прилепчани,
Во текот на мандатот се среќавав со странски државници, но останав меѓу својот народ. Ги посетив повеќето општини, градови, населени места во Македонија. Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Секогаш за нивните предизвици и потреби дознавав од прва рака.
Европа ја градиме во Македонија со секоја нова реформа, нов закон, со секое ново работно место. На ниво на Македонија се отворени 120.000 нови работни места. До крајот на годината ќе се создадат услови за уште 10.000 нови работни места. Напорно работиме да продолжиме со овој тренд за граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата. Нови можности за младите да работат, да формираат семејства, и да ја планираат иднината на своите деца. Веќе е изградена технолошко-индустриската развојна зона Прилеп за која ќе привлекуваме нови странски инвестиции, за да се отворат нови работни места за прилепчани.
Се инвестира во земјоделството. Исплатени се половина милијарда евра за земјоделците, за тутунарите, за лозарите. Инвестирањето ќе продолжи за да се отворат многу нови работни места и Македонија да стане земјоделски развиена земја.
Се градат и се обновуваат патиштата. Реконструиран е патот Прилеп -Македонски Брод. Во тек е подобрувањето на патот од Градско до Прилеп и Битола. Планирана е и обнова на железничката станица во Прилеп.
Изградена е градинка во Тополчани и училиште во Чепигово. Се планира и училиште во Беровце.
Се реконструираат старите и се градат нови болници. Се изгради и амбуланта во Мало Коњаре.
Еден од столбовите на мојата платформа е и солидарноста. Солидарноста се гради со секоја отворена народна кујна. Со секој изграден стан за наши сограѓани кои се социјално ранливи. Во 2013 година во Прилеп почнаа да се градат 75 такви станови. Со дневен центар за деца на улица.
Работиме и на зачувување на традицијата. Преку секоја обновена староградска куќа. Преку негување и туристичко промовирање на древните манастири Зрзе, Трескавец.
Конкретни проекти и остварени цели.
Најголемата цел е економски раст и развој на Македонија за доброто на граѓаните.
Почитувани сограѓани,
Каде и да одев, ја промовирав македонската економија, македонските можности.
И во следниот мандат, приоритет ќе ни бидат држава и економија кои создаваат нови работни места.
Драги сограѓани,
Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:
- Европа во Македонија и Македонија во Европа!
- Држава и економија кои создаваат нови работни места!
- Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите!
Знаеме како тоа да го направиме. Со напорна работа и со меѓусебна соработка. Претседател, Собрание, Влада, Општина, стопанство и универзитети.
Од Прилеп продолжуваме кон победата затоа што изборот е Македонија!
Државата пред сè!
Македонија пред сè!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево