| четврток, 6 декември 2018 |

„Прото тема“: Нимиц најавува нов предлог за Скопје

nimic

Многумина ќе речат дека ова е испробан  и често користен рецепт од страна на американскиот посредник Метју Нимиц: за 22 години, колку што трае неизвесноста меѓу Грција и Скопје за прашањето за името на соседната земја, кога преговорите „стагнираат“ Нимиц се повикува на претстојните избори во Грција или Македонија, за да го оправда фактот дека во преговорите помеѓу двете земји нема напредок.

Ова го пишува грчкиот весник „Прото тема“ осврнувајќи се на вчерашната рунда преговори за името на Македонија во Њујорк, јавува дописникот на МИА од Атина.

„Понекогаш вистинска и понекогаш привидна, оваа тактика во голем степен е одговорна за фактот дека не постојат резултати, кои можат да доведат до прекинување на неизвесноста. Вистина е дека во минатото, за време на владата на Симитис и со Јоргос Папандреу во Министерството за надворешни работи, двете влади се согласиле за формула за решение и постигнале договор за името, но тоа никогаш не отишло понатаму поради изборите кои доведоа до смена на владата во Грција“, пишува весникот.

„Прото тема“ и овој пат не пропушта да ги обвини македонските власти и заклучува дека „итриот“ американски адвокат ги користи изборите како оправдување за фактот што нема напредок, „главно поради неподготвеноста на македонскиот премиер Никола Груевски да се повлече од својот бескомпромисен став“.

„Нешто слично се случи и денес“, заклучува весникот и потоа само кусо се осврнува на вчерашната средба во Њујорк по која Нимиц „уште еднаш, најави дека во мај, по изборите, ќе го посети регионот“.

Другите грчки медиуми, воглавно без коментар ја пренесуваат веста на државната новинска агенција АНА-МПА за средбата на Нимиц со двајцата амбасадори во Њујорк, нарекувајќи ја „неплодна“.

Во Грција се истакнува изјавата на посредникот дека „во многу важни главни градови има сериозен интерес за решавање на прашањето за името“.

Медиумите исто така ја пренесуваат и изјавата на грчкиот амбасадор Василакис кој за АНА-МПА, рекол: ја искористивме можноста да се види каде сме. Тој исто така повторил дека неодамна се сретна и со генералниот секретар на ОН и Нимиц, кого го информираше за посетата на  министерот за надворешни работи Венизелос на Скопје.

– Од тогаш, со оглед на тоа што и двете страни бараат активирање на процесот на Обединетите нации, мислам дека Нимиц размислува за одржување на состанок во Њујорк, можеби во мај, по изборите во Скопје. Потоа, тој размислува, можеби да го посети и регионот, кон крајот на јуни – рекол Василакис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top