Добровечер Свети Николе!
Добровечер Македонијо!
Градот на свети Никола, градот на Тодорица. Општина на познати лозари, земјоделци, кои со плодовите на својата работа ја прехранувате Македонија.
Чест е да бидам денес меѓу вас!
Пред две години со Медал за заслуги за Македонија ги одликував вашите и наши Кирил и Филип Лазарови, кога македонската ракометна репрезентација постигна голем успех на европското првенство во ракомет.
Секој спортски успех е успех за Македонија. Успехот обединува и сплотува. Такви успеси ни се потребни.
Почитувани светиниколци,
Програмата со која излегов пред вас во 2009 година е исполнета. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.
Посветено работев овие 5 години. Имав преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Повеќе од 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. За време на мандатот имав повеќе од 100 средби со други странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Досега остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. На тие средби работев на отворање можности за македонската економија, за подобар живот на граѓаните.
Во сè што правев, не бев сам. И оддавам големо признание на Владата за вложените напори. На дело покажуваат како се работи за Македонија:
• Исплатени се половина милијарда евра субвенции за земјоделците;
• Донесени се речиси 2 милијарди евра странски инвестиции;
• Спроведени се реформи во речиси секоја област од животот;
• Просечната пензија e зголемена за 62%.
Се работи на обезбедување достоинствен живот за пензионерите. Минатата година 85 пензионери од Свети Николе престојувале на бесплатна бањско-климатска рекреација. Годинава оваа можност ќе ја користат уште 66 корисници на пензија.
Како претседател на Република Македонија, имав одлична соработка со извршната и законодавната власт и со одговорните луѓе на бројни државни институции.
Со заедничка работа, многу постигнавме:
• Обезбедивме визна либерализација за нашите граѓани за да можат слободно да патуваат низ државите на Европската унија.
• Ја внесовме Македонија во гасоводот „Јужен тек“.
• Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија.
• Од соработката со Кина, произлегоа и првите конкретни резултати, меѓу кои и изградбата на патот Миладиновци – Штип.
Сакаме и помалите градови, помалите населени места бргу да се развиваат. Се враќаат оптимизмот и вербата дека може да се биде успешен не само во Скопје, туку и во Свети Николе. Кој сега сака да дојде во вашиот град, мора да оди преку Куманово или преку Велес. Но, тоа ќе се промени. Кога ќе се заврши патот Миладиновци – Штип, светиниколци ќе можат да патуваат во Скопје за само половина час. И тоа по 28 километри пократок пат. Нов автопат!
Скопје, Куманово, Штип и Велес ќе бидат подеднакво блиску до Свети Николе. Свети Николе веќе нема да биде заобиколувано од превозниците и од патниците. Вашиот град ќе стане значаен транзитен центар за централна и источна Македонија. Со тоа ќе заживее стопанството во општината и во градот. Ќе се создадат услови за нови работни места.
Се инвестира и во автопати, но и во регионални патишта. Неодамна се пушти во употреба реконструираниот пат Пробиштип – Свети Николе. И се скрати времето, и се зголеми безбедноста на патувањето. Во 2011 година беше реконструиран и патот од ’Ржаничино до Свети Николе во должина од 35 километри. Тоа е инвестиција вредна 191 милион денари.
Конкретни проекти и видливи резултати!
Сите се сеќаваме колку беше голем проблемот на Свети Николе за обезбедување вода за пиење за своите граѓани. Цели 10 години, светиниколци мораа да полнат вода во Куманово, во Кнежје. Цели 10 години бевте ускратени од оваа елементарна потреба. Проблемот беше решен во 2010 година. Денес, Свети Николе има вода за пиење од хидросистемот „Злетовица“.
Конкретни проекти и видливи резултати!
Почитувани сограѓани,
Ќе давам поддршка на институциите, општините и стопанството за создавање нови работни места. Имате релативно голема општина по површина. Го имате Овчеполието, втората житница во Македонија, која е пред сè земјоделска земја.
Државата вистински го вреднува трудот на земјоделците. Од 2006 година до сега се исплатени 550 милиони евра субвенции на земјоделците. Годинава веќе се исплатени околу 70 милиони евра субвенции на лозарите, сточарите, овоштарите и други, а до крајот на годината ќе се исплатат уште 140 милиони евра.
Со инвестирање во земјоделството, Македонија може да се прехрани и себе, и другите. Овче Поле ќе биде едно од најразвиените.
И во следниот мандат, приоритет ќе биде економскиот раст и развојот на Македонија. Ќе продолжиме да работиме на привлекување нови странски инвестиции.
Нашите напори веќе ги даваат и првите плодови. Холандската компанија „ИД Балкан“ веќе почна да ја гради фабриката за производство на печурки во индустриската зона „Овче Поле“. Тоа ќе бидат 450 нови работни места. Уверен сум дека ќе има уште повеќе инвестиции за уште повеќе нови работни места, за луѓето да работат, да основаат семејства и да ја планираат иднината на своите деца.
Семејството е столб на македонското општество. Семејствата мора да се негуваат, да се поттикнуваат и да се зајакнуваат. Во 2013 година е отворено советувалиште за брак и семејство.
Денес, се инвестира и во високото образование, кое им го приближуваме на младите. Преку дисперзираните студии, високото образование станува достапно за секој од Свети Николе што има желба да учи, да се развива и да напредува во животот.
Државата продолжува да инвестира и во спортот. Изградено е фудбалското игралиште „Билазора“, спортската сала „Цар Самоил“. Се гради и тениски терен.
Македонија е земја на солидарноста. Во 2007 година е отворена народна кујна, која ја користат околу 100 лица. Мора да бидеме солидарни со луѓето кои имаат потреби. Веќе почнаа да се проектираат и 54 стана за лица во социјален ризик.
Македонија е земја со богата традиција. Историјата е дел од идентитетот и е душата на Македонија. Затоа, се работи на заштита и промоција на културното наследство. Секоја педа од македонската земја е богата со археолошки наоди. Свети Николе допрва ќе стане познато преку локалитетите Градиште – Кнежје и Селеново.
Драги сограѓани,
Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, стопанственици, земјоделци, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:
• Европа во Македонија и Македонија во Европа.
• Држава и економија кои создаваат нови работни места.
• Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите.
Ова се целите што треба да ги постигнеме за што ја барам довербата на граѓаните за уште еден мандат на претседател на Република Македонија.
Само заедно можеме да ги исполниме целите. Само заедно можеме да направиме уште многу за Македонија да биде земја на благосостојба.
Одиме кон победата затоа што изборот е Македонија!
Државата пред сè!
Македонија пред сè!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево