Концентрацијата на распаднати соништа и неостварени мечти го заматува воздухот како токсична измаглица до степен на гушење, до таа мера што дишењето директно од ауспух на градски автобус ни изгледа како многу добра идеја. Вешто се пробиваме во стил на super G низ толпата сива материја која некогаш се нарекувала човечки род. Бараме траги на светлина во предвремено овенатите ликови на млади луѓе, но светлината во очите одамна им згаснала. Измешани бои на очај и депресија го фарбаат денот на секојдневниот хомо сапиенс. На моменти се мешаат забрзани и веднаш потоа успорени слики од оние кои некаде каснат и оние кои не знаат зошто воопшто се тука. Како некаков мрачен вортекс не усисува денот кој требаше да го живееме вчера, бидејќи утрешниот веќе го живеевме завчера. И така, седнати на плеќите на хаосот, си велиме – “Let it be”. Отпловени во меѓумолекуларниот флуид, со погледи вперени во матниот хоризонт се некако се надеваме дека некој ќе викне: КОПНО! Иако дестинацијата ни е тотално непозната, во испостениот разум ни светкаат некои нејасни сијалички кои некогаш ги нарекувавме надеж. Патувањето предестинирано од некоја непозната машинерија не товари во кипери, за подоцна да не искипа на рушевината која така достоинствено ја нарекувавме „работно место“. Законите на релативитет овде го добиваат своето вистинско значење. Времето контролирано од гравитационото поле на Мрачната Материја се влече споро како затворски ден. Дури и законите на физика овде одамна престанале да важаат. Еве на пример еднаш видов како Сонцето изгрева на запад. Предексплозивно стање лебди во воздухот како кумуланимбус, потпомогнато од ветрови со генерално мизантропска ориентација. Се што мрда и дише, сака да не види како паѓаме, небаре така ќе подзаборави на својата мака. Како селски кучиња ќе се исподавиме за исушената коска која лажно ја викаат успех. Успевајќи некако да останеме при свест, со последните босони енергија седнуваме пак на нашиот кипер. Се клацкаме заедно со истрошените артисти кои невешто глумат живот. Да, по дефиниција, пулсот и дишењето овде ги нарекуваме живот. Се прибираме во посмртните останки на она кое некогаш гордо се викаше семејство. Разменуваме неколку беззначајни збора и рассеано слушаме бесконечно мрморење на незадоволните жители на нашата расклатена тврдина. Во бесконечното сивило, единственото нешто во боја е нашиот монитор. Со залет се фрламе во океанот од единици и нули. Таму водата е проѕирна, а воздухот чист. Таму храната е маестрално гарнирана, таму пријателите се лојални и љубезни, а жените немаат целулит. Неконтролирано конзумираме од виртуелната шведска маса, враќајќи се до изнемоштеност повторно и повторно и повторно до нејзините раскошни витрини. Залутани во временскиот континуум се препуштаме на имагинацијата се додека реалноста како Т-Рекс не ни го загризе срцето – 3 по полноќ.
Со последни сили ја спуштаме главата на перница.
Со последните искрички на свеста, се тешиме:
Можеби утре, можеби утре некој ќе прогласи вонредна состојба.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст