За македонските сезонски работници ќе има работа во Црна Гора и претстојната сезона.
– Се реализираат крупни инвестиции на приморјето за кои ќе има потреба од ангажирање домашен и странски кадар – најави директорката на Заводот
за вработување на Црна Гора, Вукица Јелиќ по денешното потпишување на Меморандум за соработка со македонската Агенција за вработување.
На црногорскиот пазар лани со работни дозволи биле присутни 3.500 работници, но, според Јелиќ, имало и неевидентирани. Меморандумот за соработка е подготовка за договорот помеѓу двете институции што треба да биде потпишан за неколку месеци, а кој ќе понуди точна евиденција за ангажираните работници од Македонија во Црна Гора и обратно, како и соодветни информации за можностите за вработување и потребните постапки и прописи од двете држави.
– Со потпишувањето на Меморандумот ќе имаме увид за сите работници што работат редовно или сезонски на црногорскиот пазар. Ќе можеме на нашите граѓани што работат во Црна Гора, а и на црногорските во Република Македонија, да им понудиме соодветни информации и постапки – рече Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на РМ.
Според Јелиќ, целта на соработката е размена на искуства и користење на сите програми со позитивна пракса, како и работа и аплицирање на заеднички проекти од Европската унија.
– Двете институции ќе работат на проекти кои ќе ги подобрат сите програми за давање услуги на невработените, работодавачите, студентите… Ќе настојуваме да го намалиме што е можно повеќе големиот проблем со невработеноста со којшто се соочува целиот регион и Европа – посочи Јелиќ.
Стапката на невработеност во Црна Гора изнесува 15 проценти, а младите учествуваат со 20 проценти во вкупната бројка невработени. Дефицитарни кадри, според Јелиќ, и понатаму се градежните работници и високостручниот кадар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.