| четврток, 6 декември 2018 |

Говорот на Иванов за време на претставувањето на неговата програма

Интегрално говорот на Ѓорге Иванов на денешното претставување на програмата за кандидатурата за втор претседателски мандат

tim makedonija

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, господине Груевски,

Ценети министри и пратеници,

Почитувани членови и поддржувачи на тимот „Македонија“,

Почитувани претставници на медиумите,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Програмата за која 2009 година ја добив довербата на граѓаните е исполнета. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено со изборната програма.

Благодарен сум им на граѓаните на Република Македонија за довербата и за поддршката што ми ги даваа во мојот претседателски мандат. Благодарен сум за поддршката што дојде од моите колеги, од поддржувачите од различни профили, од конвенцијата, од раководството на партијата.

Посветено работев овие 5 години. Имав преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Повеќе од 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. За време на мандатот имав повеќе од 100 средби со други странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Досега остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. На тие средби ги промовирав постигнувањата на Македонија. Стекнував нови пријателства и ги продлабочував традиционалните партнерства.

Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Кабинетот беше отворен за многу луѓе. Ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности.

Соработував со премиерот, со Владата и со министрите во областите на поделена надлежност, но и во економската промоција на Република Македонија. За многу мои проекти имав голема поддршка од стопанствениците. Работев со градоначалници, професори, научници, спортисти, новинари, волонтери. Постојано работев и се среќавав со нашинци од дијаспората. Со секој сегмент од нашето општество.

Водевме одговорна надворешна политика; градевме безбедна и сигурна Македонија. Македонија која чекори кон економски силна и развиена држава; Македонија во која правото е едакво за сите, и во која се негува и се унапредува единството во различностите.

Ги чувте 20-те столба на мојата изборна платформа врз кои е поставена мојата изборна програма. Програма што денес ја најавувам и со која повторно ќе ја барам довербата на граѓаните за да го продолжам она што го започнав во текот на првиот мандат.

Програма на континуитет и на доследност во остварувањето на државните интереси.

Програма со нова енергија и со нови перспективи за Република Македонија.

Мојата програма се раководи од интересите на Република Македонија и македонските граѓани, еднакво како и програмата од 2009. Македонија да биде држава отворена кон сите, како наша татковина која лојално и посветено ја градиме, како дом за сите нас.

Ценети присутни,

Во тек е изградбата на патиштата Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица. Владата гради патишта што ги поврзуваат селата и градовите, но и автопати за поврзување на Македонија со земјите од регионот.

Како претседател, се трудам физичкото поврзување на Македонија со регионот да го надградам со поврзување на Македонија со луѓето и со државите во светот, преку политичка, економска и културна соработка. Тоа се коридори на разбирање, почитување и заемно прифаќање на државите кои градат заедничка иднина. Коридори за отвореност кон сите.

Каде и да одам во светот, ја претставувам вистината за Македонија и создавам нови пријателства за нашата татковина. Како резултат на тоа, Република Македонија денес е многу повеќе атрактивна за странски инвестиции, признаена во Европа и во светот и почитувана по својата традиција и модел на соживот.

Дами и господа,

Денес, кога се наоѓам меѓу два мандата, јас не земам здив, туку земам залет.

Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Доколку ја добијам повторно довербата ќе ве повикам сите вас, сите граѓани, стопанственици, претставници на цивилното општество, културата, науката, спортот, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:

  1. Европа во Македонија и Македонија во Европа;
  2. Држава и економија кои создаваат нови работни места;
  3. Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите.

 

Тајната на остварувањето на овие цели е во соработката. Со Владата, со стопанствениците, градоначалниците, цивилното општество, претставниците на медиумите, професорите, научниците, спортистите, волонтерите. Со секој сегмент од нашето општество, во Република Македонија и во иселена Македонија.

Од првиот ден на мојот мандат го промовирав принципот на отвореност кон сите во надворешната политика. Силата на Македонија е во нејзината отвореност и поврзаност. Водиме автентична македонска политика која дава резултати. Ги негуваме старите и создаваме нови пријателства и партнерства. Македонија е земја-кандидат за членство во Европската унија и НАТО, и е подготвена за економска соработка со новите растечки економии во светот.

Како претседател, ќе продолжам со политиката на отвореност на глобално, европско и регионално ниво. На блокадите од нашиот јужен сосед ќе одговориме со отвореноста и со подготвеност за дијалог. Притоа се водиме од државните интереси и универзалните принципи на меѓународното право.

На патот кон остварувањето на стратегиските цели, Република Македонија се потпира на силата на аргументите, на меѓународното право, човековите права и правото на човечко достоинство. Како земја-членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, ќе направиме сè за унапредување на состојбата со почитувањето на овие универзални вредности и принципи дома, во регионот и во светот.

Почитувани присутни,

Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Петте позитивни извештаи и петте препораки од Европската комисија за отпочнување преговори за членство во Европската унија доволно говорат дека остварувањето на нашата стратегиска цел ни е на дофат.

Нема да чекаме некој друг да ни ја заврши работата. Македонија е одговорна држава, која сериозно ги сфаќа своите обврски на евроинтеграцискиот пат. И натаму ќе ги прифаќаме конструктивните совети од нашите партнери. Но, никој не знае подобро од нас што е најдобро за нас. Способни сме и решени сме додека се движиме кон членството во Европската унија, сами да ја создаваме Европската унија во Македонија.

Со секоја спроведена реформа, со секоја подобрена јавна услуга, ја правиме Македонија подобро место за живеење. Во наредниот период продолжуваме да работиме на истиот начин, да постигнеме преговорите да се сведат на чиста формалност.

Прашањето на кое посветуваме најмногу енергија е наметнатото прашање за разликата околу името. На сите средби, на сите форуми истакнувам дека на Република Македонија ѝ е потребно решение, но само во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Решение што нема да биде на штета на нашиот национален и државен идентитет, јазик, историја и култура.

Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да допушатам Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени.

Македонските граѓани имаат право да одлучуваат за клучните национални прашања, вклучително и прашањето за името. Како претседател, нема да дозволам решение за спорот наметнат од Грција, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со решението. Ниту еден поединец, ниту група граѓани или политичари, партија, влада или собрание, не може да оди против волјата на народот, која е конечна.

 

Република Македонија е одговорен член на меѓународната заедница што ги исполнува своите преземени обврски. На отворените прашања пристапуваме одговорно. Тоа ни дава право да очекуваме и другите кон нас да се однесуваат одговорно.

Драги пријатели,

Република Македонија активно и посветено придонесува кон глобалната безбедност и стабилност. Но, не смееме да заборавиме дека безбедноста започнува дома.

Како врховен командат, во делот на одбраната, ќе продолжам да преземам мерки за одржување на безбедноста и стабилноста на државата. Стратегијата за одбрана што ја донесовме во 2009 година треба да ги даде резултатите. Треба да продолжи опремувањето и модернизацијата на Армијата. Целосно ќе го заокружам тековниот процес на трансформација на Армијата на Република Македонија до крајот на 2015 година, во согласност со новата организациско-формациска структура.

Република Македонија ќе продолжи со ангажманот во меѓународните мировни мисии. Како сојузник, Македонија досега ги споделува само одговорностите, обврските и ризиците. Крајно време е да ги споделиме и придобивките што ги носи полноправното члество во НАТО. Затоа, ќе инсистирам нашите сојузници во НАТО да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Македонија води политика на добар сосед. Постојано истакнувам дека добрососедските односи се двонасочна улица. Нашиот став е јасен – сите отворени прашања да ги решаваме со дијалог.

 

Како претседател на земја со длабока традиција на преплетување на културите, религиите и цивилизациите, ќе продолжам активно да го промовирам дијалогот, македонскиот модел на соживот и отвореност.

Од овие вредности се водиме и во нашата регионална соработка.

Ќе промовирам нова етапа во регионалната соработка. Крајно време е да започнат конкретни проекти и да даваат конкретни резултати. Идејата за довршување на Јадранско-јонската магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8 да стане реалност.

Како и досега, активно ќе учествувам на сите регионални и глобални форуми каде што интересите на Република Македонија ќе можат да бидат заштитени и промовирани.

Отворени сме, подготвени сме за дијалог и соработка, но нема да дозволиме да се зборува и да се одлучува за нас, без нас.

 

Драги пријатели,

Сите се раѓаме исти под ова сонце, без разлика на етничката, верската или која било друга припадност. Државата има обврска да ги чува,  да ги негува и да ги унапредува соживотот и заедништвото.

Македонија е држава во која владее правото. Сите сме еднакви пред законите. Со почитувањето на уставно-правниот поредок имаме гарантирани права и слободи на граѓаните. Ќе се залагам за градење на културата на почитување на законите. Само во државата граѓаните ја остваруваат слободата и ја уживаат безбедноста. Во државата, граѓаните можат да имаат квалитетен живот, да живеат во благосостојба, да создаваат и да творат. Тоа се постигнува само со напорна работа.

Во сè што правиме, Македонија да ни биде пред сè!

Економскиот раст и развој и натаму ќе останат мој приоритет.

Благодарение на својата реформска посветеност, Владата успеа Македонија да ја направи препознатлива во светот како една од најповолните дестинации за отпочнување и водење бизнис. Македонија стана еден од најдобрите реформатори во светот и најдобар во Југоисточна Европа.

Како претседател, работев и ќе работам на отворање нови хоризонти за македонската економија, нови пазари за македонските производи, нови партнерства за македонските стопанственици. Со помош на активна економска дипломатија, ја промовирам македонската економија, македонските можности и поволности.

Граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата. Со работа и со создавање нови материјални и интелектуални вредности, можеме да постигнеме благосостојба во нашиот заеднички дом Македонија. Новите работни места ја движат нашата економија напред. Македонија мора да понуди поголеми можности за оние што вредно работат и што се подготвени да го користат својот труд, своите вештини и таленти за да ја обезбедат сегашноста и иднината на своите семејства. Да создадеме услови за да им овозможиме на креативните и иновативните поединци, сопственици и работници да ги развиваат бизнисите и да отвораат нови работни места.

Ќе продолжам со активности за градење на културата на претприемаштво. Покажав дека партнерството меѓу државата и стопанството функционира. Како дел од мојата економска дипломатија, организирав бизнис-форуми. На речиси сите мои посети во странство бев придружуван од успешни стопанственици од Македонија. Верувам дека е дојдено време за понапредна фаза. Ќе продолжам да ги поддржувам успешните и докажаните, но ќе се посветам и на младите креативни и иновативни претприемачи.

За тоа предлагам и конкретен проект „Заедно во светот“. Во соработка со сите релевантни организации, инкубатори и бизниси, ќе им помагам на младите претприемачи и на малите и средните претпријатија што се иновативни и нудат квалитетни производи и услуги, но кои сè уште немаат доволно средства за да ги промовираат своите услуги и производи во странство. При секоја службена и официјална посета во странство ќе селектираме, во согласност со условите по еден или двајца претставници како дел од претседателската делегација. Овие млади претприемачи ќе можат да бидат предложени од претпријатијата и од стопанските комори.

Преку активна економска дипломатија, во следниот мандат, голем дел од моите активности ќе го посветам на привлекување странски компании кои ќе инвестираат во Македонија.

Нема да ги заборавиме основните македонски економски потенцијали. Македонија може да произведува и извезува уште повеќе. Македонија може да произведува енергија уште повеќе. Да ги искористиме и да ги искористуваме овие потенцијали.

Македонија е земја со голема земјоделска традиција. Македонија може да биде напредна земјоделска земја. Ќе ѝ дадам поддршка на Владата на Република Македонија за унапредување на земјоделството.

Македонија да биде енергетски безбедна и понезависна. Тоа можеме да го постигнеме и со зголемување на производството на енергија од обновливи извори на енергија, подобрување на дистрибуцијата. Но, можеме да го постигнеме и со домаќинско користење на енергијата, како во индустријата, транспортот, градежништвото, така и во секојдневниот живот. Затоа ќе ги поддржам образовните програми за подигање на јавната свест за енергетска култура и ефикасност уште од најрана возраст.

Драги пријатели,

Нашата безбедна, стабилна и економски развиена Македонија е дом на сите нејзини граѓани, на младите, на семејствата, на дијаспората.

Остануваме посветени на повеќеетничкиот, повеќерелигискиот, повеќејазичниот соживот и почитување на различноста во Република Македонија. Ќе се залагам за доследна примена на Охридскиот рамковен договор, кој е дел од Уставот на Република Македонија, но потребно е и доследна примена на обврските од истиот. Најголема обврска е Македонија како заеднички дом за сите.

 

Сигурен сум дека со долгорочно инвестирање во образованието, секоја година ќе се намалува нивото на невработеноста.

Со инвестирање во образованието, создаваме млади луѓе подготвени да се натпреваруваат со своето знаење на светската интелектуална арена. Образованието е основа за поконкурентна економија, подобар живот и посигурна иднина.

За младите и нивното образование се залагам и како претседател, но и како човек со долгогодишно искуство како универзитетски професор, кој сака студентите да постигнуваат успеси и да достигнуваат нови врвови.

Ќе продолжам да ги поддржувам реформите на Владата насочени кон подобрување на образованието. Но, ќе продолжам и со мојот проект „Школа за млади лидери“, низ која досега со нови знаења, искуства и вештини се стекнаа преку 150 млади луѓе. Преку Школата за млади лидери ги мотивираме и ги инспирираме младите луѓе да се развиваат и да станат успешни. Планирам уште поразвиена и побогата програма што ќе ги учи младите луѓе на специјализирани дисциплини што се во чекор со времето што доаѓа.

Ќе продолжам и со проектот „Најдобар млад научник“ со кој веќе четири години ја поддржувам македонската наука и ги охрабрувам младите научници. Сакам Македонија да прерасне во земја на иновации и нови технологии, кои ќе бидат двигатели на македонската економија.

Како и досега, ќе продолжам да ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.

Македонија да ја градиме како земја на иновации и нови технологии. Развој на научноистражувачката и институционалната инфраструктура за иновации и за поттикнување на иноваторството. Само на овој начин ќе создадеме општество засновано на знаење и успешна економија којашто ќе биде конкурентна на глобалниот пазар.

Почитувани присутни,

Македонија е земја со богата традиција. Историјата е дел од идентитетот и е душата на Македонија. Обичаите се она што ни дава припадност и нè прави посебни и препознатливи на Балканот, во Европа и во светот.

Треба да ги сочуваме традиционалните вредности и притоа да ја задржиме способноста да создаваме нови културни вредности. Секоја нова генерација може да се надгради на претходно создаденото, но и да даде нов поглед за себе, за Македонија и за светот.

Уметноста и културата се од витално значење за истрајноста на македонското општество. Македонија има со што да се пофали во светот. Како и досега, ќе ја промовирам македонската култура и уметност насекаде во светот.

Македонија е дом на секое семејство. Ќе продолжам да ги поддржувам сите активни инцијативи и политики со кои се охрабруваат младите да основаат семејства и да оставаат потомство. Државата мора да биде и да остане најсилниот сојузник на семејството, на родителите и на нивните деца. Мора да работиме на намалување на социјалните ризици на кои е изложено семејството и на унапредување на културата на семеен живот. Ќе се залагам за почитување на жената како столб на семејството, но и како лидер во сите општествени, економски и други дејности.

Македонија им припаѓа на сите свои чеда, каде и да се во светот. Затоа, како претседател силно ќе поддржам и ќе иницирам активности што овозможуваат зацврстување на поврзаноста на генерациите иселеници со нашата заедничка татковина Македонија.

Нашата дијаспора има голем број успешни луѓе во науката, медицината, спортот, бизнисот, уметноста и во многу други области, и се вистински амбасадори на нашата земја, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Секој нивен успех е успех и за Република Македонија.

 

Со идниот проект „Македонија препознава и вреднува“ ќе доделувам признанија на поединци, организации и здруженија од дијаспората за нивните заслуги во промовирање на македонскиот идентитет, култура, традиција и јазик.

 

Ќе продолжам да ги поддржувам глобалните инвестициски самити што ги организира „Македонија 2025“ коишто отвораат ново поглавје на соработка со нашата дијаспора.

 

Драги пријатели,

  • Европа во Македонија и Македонија во Европа!
  • Држава и економија кои создаваат нови работни места!
  • Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите!

 

Ова се целите што треба да ги постигнеме за што ја барам довербата на граѓаните за уште еден мандат на претседател на Република Македонија.

 

За да се остварат сите три меѓузависни цели, потребна е напорна работа и соработка. Соработка меѓу институциите на државата, соработка меѓу државата, стопанството и образованието, соработката меѓу граѓаните. Соработка на Македонија со соседите во регионот, во меѓународните организации.

Само заедно можеме да ги исполниме целите. Само заедно можеме да направиме уште многу за Македонија да биде земја на благосостојба.

Да продолжиме уште пет години да работиме заедно, со уште позасилено темпо, со уште поголема посветеност за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top