| четврток, 6 декември 2018 |

Нуркачка експедиција на Матка по повод Светскиот ден на водата

Спелео-нуркачкиот клуб „Врело“, заедно со членовите на нуркачкиот клуб „Акватек“, со подводна експедиција на езерото Матка во саботата го одбележаа Светскиот ден на водата. Со оваа акција нуркачите и оваа година ѝ се приклучија на глобалната кампања на Обединетите нации за зачувување на водите во светот.

– Лоцирањето на подводниот отпад е од круцијално значење за нашите понатамошни експедиции на езерото Матка. Како што споменавме и претходно, мора да се работи константно на проблемот со загадувањето бидејќи само на тој начин може да се делува на решавањето на овој голем проблем. Со овие акции сакаме да делуваме на подигнување на свеста кај целата македонска јавност, државните органи и приватните компании и да упатиме апел за нивно поактивно учество во вакви проекти – вели Даниел Атанасовски од клубот „Акватек“ и додава дека секој има право на чиста вода, па оттука и непишаното правило дека секој мора да се грижи за зачувување на овој природен ресурс.

IMG_1602

Нуркачите во експедицијата успеаја да лоцираат многу пластичен отпад, големи железни конструкции, стари корита од потонати чамци, како и друг ситен отпад кој е планирано да биде дислоциран од дното на езерото во следните неколку акции.

IMG_5255

– Врело и Матка се едни од најпосетуваните туристички атракции во еден од најубавите споменици на природата, па оттука е и нашата задача да ги зачуваме за идните генерации. Езерото нуди сѐ уште неистражени предели и секојдневно открива нови природни реткости кои треба да се доволен мотив за поголема совесност кај сите нас – вели Киро Ангелески, претседател на „Врело“.

Screen-Shot-2014-03-23-at-12.23.51

Глобалната кампања на Обединетите нации за „Светскиот ден на водата“ оваа година се одржува под мотото – „Заштеди енергија, заштеди вода“.

Screen-Shot-2014-03-23-at-12.28.09

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top