Лозарите од Тиквешко кои неколку дена протестираат поради неплатено грозје блокирајќи го патот Градско – Прилеп кај Росоман, денеска добија писмена гаранција дека ќе ги добијат своите пари, јави дописникот на Дневник.
Претставници на винарската визба „Винеа“ која ним им должи над 600 илјади евра дале ветување дека парите за грозјето од 2009, 2010 и 2011 ќе ги добијат до 5 март оваа година.
Парите, пак, за ланското грозје се спогодиле да ги исплатат до законскиот рок, 30 април. Гаранциите биле дадени во просториите на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во присуство на ресорниот министер Љупчо Димовски, како и Румен Стаменов, директор на државниот инспекторат за земјоделство.
– Бевме петнаесетина лозари на средбата. Задоволни сме од договореното. Но, одлуката за тоа дали ќе се дигне блокадата или не, ќе ја донесат самите лозари кои чекаат на патот за да им кажеме што е договорено – ни рече Аризанов во телефонскиот разговор додека беше на пат кон Росоман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



