Вечерва ќе знаеме кој има икс фактор. Вечерва во Белград се оддржува големото суперфинале, во кое влегоа најдобрите пет од оние 8000 пријавени кандидати, (односно 4 соло изведувачи и 1 група). Во финале ќе се најдат Даниел Кајмакоски, Тамара Милановиќ, Лукијан Ивановиќ, Маид Хеќимовиќ и групата Доктори.
Всушност во супер финалето секој од жирито има по некој претставник од својата категорија; Кристина Ковач ги има Докторите, Кики Лесендриќ ја има Тамара, Емина Јаховиќ го има Лукијан, додека Жељко Јоксимовиќ е во предност со два кандидати – Даниел и Маид.
За разлика од досегашните емисии во живо, кога секој натпреварувач изведуваше по една песна, во супер финалето има малку поинакви правила. Петте супер финалисти прво ќе отпеат по една песна, по што ќе следи гласање, а двајцата натпреварувачи со најмалку гласови излегуваат од понатамошното гласање. Потоа преостанатите тројца ќе испеат по уште една песна и повторно ќе има гласање по кое ќе излезе уште еден натпреварувач, за последните два кандидати да отпеат уште по една последна песна и еден од нив ќе биде прогласен за победник на првиот регионален X Factor. Овој пат жирито нема никаква задача, односно одлуката за победникот е целосно во рацете на публиката.
Веќе е познато дека во ревијалниот дел од вечерта како специјална гостинка ќе настапи Марија Шерифовиќ , a организаторите најавуваат многу изненадувања во текот на вечерта. Супер финалето ќе се одржи вечерва во белградската „Комбанк арена“ со почеток од 21 часот, а настанот ќе биде пренесуван во живо на телевизиите Сител и Пинк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.