Од година во година расте државната поддршка за инвестициите во руралниот развој. Додека во минатото пари за проекти на локално ниво, како што се патната инфраструктура и сите инфраструктурни зафати од помал обем што се неопходни за локалното население, скоро и да немаше, во последните неколку години овие средства се неколкукратно зголемени.
Според Програмата за финансиска поддршка за руралниот развој, во наредните две години за ваков вид проекти на општините ќе им бидат доделени една милијарда денари буџетски средства и дополнителни 18 милиони евра од ИПА-фондовите. Со тоа се обезбедени средства за 120 проекти во општините.
Според програмата, во текот на 2014 и на 2015 година преку поддршката за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини ќе се финансираат 53 проекти во инвестиции во локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдувачки и канализациски системи во висина од 612 милиони денари. Од овие проекти, 22 се за водоснабдувачки и канализациски системи и 31 проект во локална патна инфраструктура. Дополнително, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството ќе финансира вкупно 60 проекти, од кои 25 проекти во инвестиции за изработка на урбанистички планови, 27 проекти во инвестиции за изградба и реконструкција на селски улици до еден километар, како и осум проекти за изградба и реконструкција на плоштади, зелени површини и шеталишта во рурални средини до 30.000 жители во вредност од скоро 345 милиони денари.
– Водени од потребата за унапредување на квалитетот на животот во руралните средини, Владата во својата работна програма дава посебен приоритет на политиката за рурален развој, пред се, на инвестициите во руралната инфраструктура, особено за обновување на инфраструктурата во селата преку воведување на модерна селска патна инфраструктура, пазарна инфраструктура, младински и пензионерски клубови, како и на патна инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште- изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски.
Според него, за прв пат од минатата година Владата оддели средства за поддршка на изработката на урбанистички планови вон населени места, со што во значителна мера ќе се олеснат инвестициите за изградба и модернизација на населените места и приватните инвестициски иницијативи.
Според Програмата, со цел зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја во наредните две години, предвидено е да бидат финансирани 21 проект, со вкупен износ од 90 милиони денари.
Според податоците од Министерството за земјоделство, од Програмите за финансиска поддршка на руралниот развој само во 2011 и 2012 година поддржани се вкупно 188 проекти (вклучително и проектите што се во тек), со вкупна финансиска поддршка од 1,19 милијарди денари, од кои 42 веќе се реализирани со вкупна финансиска поддршка од скоро 129 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.