Одигравте 45 претстави, пред повеќе од 25.000 публика. Зошто дури сега доаѓате во Скопје?
Маринковиќ: Да бидам искрен, се плашев од таа јазична бариера, сепак тоа е сараевски сленг. Но, пред неколку месеци дојдов во Македонија кај еден пријател на отворање на една винарница и по неколку чаши вино, видов дека луѓето ме разбираат што зборувам, се смеат на моите шеги и тогаш одлучив. Благодарение на мојата колешка дојдов до директорот на Македонскиот народен театар, Дејан Лилиќ, го договоривме терминот, по премиерата во Скопје, следуваат и Охрид и „Охридско лето“. Мене многу ми се допаѓа овде, вие сте многу гостољубиви, добро се јаде, уживам со убави жени, вино, мене тука ми е како дома.
Зошто би сакале да ја гледаме Вашата претстава?
Маринковиќ: Затоа што е вистинита. Ќе се препознаете во неа или ќе препознаете други луѓе. Таа на еден духовит начин ја пресликува денешната реалност. Слоганот што јас го смислив е „Добре дојде на терапија“. На луѓето им треба смеа, како еден вид терапија, и сигурно во наредните 10-15 дена луѓето ќе говорат за неа, ќе имаат добра тема за разговор. Тоа е една фрагментарна драматургија која има елементи на стендап- комедија, монодрама и мелодрама. Тоа што е успех за оваа претстава е дека не само што е духовита и ќе ве насмее, туку и ќе ве натера да размислувате бидејќи како поинаку да ги кажете сериозните работи ако не низ шега. Настапувам со музичка придружба од Ивана, која свири гитара и пее преубаво. Играм околу 50 лика, претставата трае подолго од еден и пол час, има смеа, има солзи, има и некои тажни мелодрамски приказни, еве ќе ви откријам една: „Љубовта за некој е секогаш, за некој никогаш“. Некогаш кога живеевме во реални времиња, сѐ што беше надреално, беше духовито, сега кога живееме во надреални времиња, сѐ што е реално е многу смешно. Мислам дека тоа е некоја причина поради која луѓето ја сакаат оваа претстава.
Во февруари ја прекинавте соработката со продукцијата „Филтер“, со која ја почнавте оваа претстава, поради несовпаѓање на вашите интереси. Што се случи?
Маринковиќ: Индира Кучуќ-Соргуќ е колумнистка во еден сараевски магазин и на основа на тие колумни ми предложи соработка за да направиме нешто. Тоа за мене беше актерски предизвик бидејќи никогаш не сум бил сам на сцена, а не сакав да биде монодрама, па затоа ги вметнав сите тие работи и на некој начин функционираше. Игравме во Камерниот театар, меѓутоа претставата одеднаш доби огромни размери, прерасна во нешто што јас не очекував дека ќе се случи. Исто така, како што растеше претставата, растеа и нивните апетити, малку на граница на легално, да не кажам нелегално. Но, ако Ал Капоне падна за данок, не морам и јас, па едноставно по одреден период се заблагодарив, а тие сега се обидуваат да го извртат тоа. Праќаат дописи до медиумите таму каде што играм, наместо на суд, повеќе сакаат реванш преку таблоиди и евтин популизам. Да ви кажам искрено, јас сум магнет за будали. Имавме соработка, веќе немаме, ако некој се чувствува оштетено, постои институција која ќе го реши тоа. Не постои ниту еден суд кој забранува да се игра оваа претстава, ниту има потреба.

На пошироката јавност сте ѝ познат како водител. Гледате ли Вие телевизија воопшто?
Маринковиќ: Искрено, немам време, но не се жалам. Ја сакам телевизијата како медиум, има интересни работи кои можат да се гледаат, но не гледам жолта штампа, тие будалаштини во кои јас учествувам често. Но, таквите работи мора да постојат бидејќи треба да се покријат сите целни групи, секоја стока си има свој купувач. На нашите канали има добри работи, но телевизијата како медиум е во лоша состојба поради кризата, затоа и мене ме нема. Веќе три години не сум на телевизија. Доколку добијам добра и квалитетна понуда, би се вратил.
Отворен сте, брз на јазик и непредвидлив. Се плашат ли познатите кога ви доаѓаат во емисија?
Маринковиќ: Се плашат тие што немаат многу мозок (се смее).
Токму таа непредвидливост Ви донесе и проблеми со законот. Поради шега во емисија, добивте условна казна затвор.
Маринковиќ: За жал, да. Имав шест месеци условна казна затвор. Ако ја прекршев, ќе добиев две години вистинска. Сакав само да покажам на што сѐ се подготвени луѓето за пари, исто како на „Ем-Ти-Ви“, „I bet you will“. Најдов човек во центарот на Сараево и му дадов 10 марки за трипати да викне „Јас сум магаре“. Подоцна ми кажа дека е професор по математика, јас пропаднав во земја, а тој ми рече дека нема проблем, пак би викнал. Потоа му дадов на друг 20 марки за да фати некоја девојка за задникот. Секогаш се наоѓаше некоја будала која ќе го направи тоа. Тука и настана целиот проблем. А, тврдам дека можев да најдам човек што за сто марки ќе удри некого со чекан по глава. Во истата емисија имав и периферен дневник, со кој сакав да го урнам дневникот како појава бидејќи дневникот е најгледана емисија во сите поранешни југословенски републики, што е страшно. Време е секој да се врати на тоа што е, а тоа е фамилијата, да се занимаваме со наши работи и сите ќе бидеме просперитетни, среќни и весели. Тука луѓето живеат туѓи животи и, за жал, предрасудите и лажниот морал се главни. Но, животот е еден, живејте го.
Премиерата и првата реприза на претставата „Јас, маалскиот фраер“ се закажани за 23 и за 24 март во новиот објект на Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот.

Вашите синови имаат оригинални имиња? Зошто токму Лав и Фјодор Симеон?
– Па, знаете Лав, демек љубов (love). Всушност, сакам, кога ќе биде голем, по сексуалниот однос, девојката да му каже: „Tооо, Лаве!“ А,Фјодор Симеон, зар не ви звучи благородно? Кога ќе се запознае со некоја девојка и ќе ѝ го каже името, таа е веќе соблечена. Кога сме веќе кај децата, еве една порака за вас: „Правете деца, немојте да се шегувате. Подобро „памперс“ отколку „дурекс“. Децата се најголемото богатство – завршува Маринковиќ.
(Пишува: Марина Костовска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


