| четврток, 6 декември 2018 |

Не би сакале сите да нѐ слушаат

Една од најстарите македонски хардкор-групи годинава го слави своето полнолетство. „Смат“ (SMUT) покрај роденденскиот концерт, на кој ќе гостуваат, како што велат, групи што тие сакаат да ги слушаат, ќе го преснимат и својот прв албум, а ќе се снима и видеоспот на самото снимање на албумот

Лидерот и вокал, Ѓорѓи Илоски, најпознат како Ѓоле Смат, вели дека овие 18 години патот бил навистина тежок, но не очекувале ништо поинаку. Заедно со Благоја Антовски на тапани, Огнен Шапкаровски и Горан Ристевски на гитара, а Дарко Најдовски на бас, остануваат во првите редови во борбата за добра и издржана музика, за која велат дека секогаш има одбрана публика.

Почнавте во времето кога сѐ уште се снимаше на касети, тука немаше интернет, „Јутјуб“, а видеоспотовите беа реткост. Во една таква околина, како се роди „Смат“?
– Како и секој почеток, и овој беше тежок. Проблемот што зборот „тежок“ се провлекува низ годините како стар непријател со кого и да сакаме да се разминеме, не можеме, па одвреме-навреме поминува да нѐ поздрави. Во тоа време, вистина, не постоеше интернетот и современите дребулии на модерното време. Но, постоеше искреност и љубов во тоа што сакаш да го работиш. Денеска сите се самопрогласени херои и легенди со еден статус на интернет. Најлесен начин во денешно време „малиот и неспособен изведувач“ да биде забележан е да прозбори лошо и да оцрни труд на човек што работи со години! Тогаш говореа делата на групите и на изведувачите. Колку ова и да звучи како клише, навистина беше така. Можеби покрај недостиг од сите информации и влијанија групите и изведувачите имаа дел што беше нечепнат од „трендовите“ и можеше да се создаде нешто свое – вели Илоски.

Можеби металската музика и не е прифатена од сите, но затоа, пак, има верни обожаватели. Затоа „Смат“ се едни од ретките што создаваат и успешно опстојуваат на македонската музичка сцена. Колку беа слатко-горчливи овие 18 години.
– Музиката е прифатена токму колку што треба да биде. За среќа, целта на оваа музика не се сите. Ние, навистина, не би сакале сите да нѐ слушаат. Таа публика што доаѓа на нашите концерти знае точно зашто е таму, што сака и што може да очекува! Таквите луѓе на нашите концерти не би ги заменил за никого!

Овие 18 години патот беше, навистина, тежок, но не очекувавме ништо поинаку. Во секој поглед, каде и да се свртиме горчината беше присутна, но и пресудна кога се работи за инспирација во текстовите (кој ги прочитал знае за што зборувам). Неколку пати за текстовите сме добивале закани, се случувало на времето, кога бевме гости во радиоемисија, да влезат две „горила“ и да ја соберат целата опрема во радиото баш поради вистината што ја кажувавме, за по некоја година истите луѓе да ги пуштаат истите песни на протести. Тркалото се врти, пораката за сите е иста, а ние не престанавме да кажуваме што ни пречи, без разлика кој е виновен!

Целото интервју со Ѓорги Илоски, како и детали за концертот на „Смат“, прочитајте тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top