
Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ одбележува голем јубилеј – шеесет и пет години од формирањето. Да се опстојува повеќе од половина век и да се негува, развива и подига народната играорна уметност и притоа да се претставува највредното од фолклорната ризница на македонскиот народ, претставува огромна работа, за секоја почит. Накусо, „Танец“ е душата на Македонија, симбол на македонската култура и уметност веќе шест децении, амбасадор на македонскиот фолклор. Веќе шест децении „Танец” со своите уникатни носии со кои настапува претставува вистински подвижен историски музеј на македонското материјално и нематеријално културно наследство. Наследство, кое како и народниот вез, е длабоко врежано во потсвеста на секој Македонец.

Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец“ е официјално формирана во мај 1949 година, со указ од тогашната влада, а ансамблот доживеал прво претставување надвор од границите на Македонија (тогашна Југославија) во 1950 година, во Англија, на „Интернационалниот фестивал“ во Велс, каде што со изведбата на „Тешкото“ ги освоиле сите можни поени и ја добиле највисоката награда. Ниту еден ансамбл во историјата на фестивалот ги нема освоено сите можни поени од страна на жирито, а тоа им овозможило да го продолжат својот престој уште дваесет дена и да одржат концерти низ цела Англија. Приказната на Александар Сариевски, по потекло од Галичник, кој е еден од основачите на „Танец“, за концертот во Лондон е неповторливо искуство и богатство за секој Македонец. Сариевски настапил како тапанџија на фестивалот во Англија, каде што првпат пред светската јавност било изиграно „Тешкото“.
– Сите имавме трема. Кога ги погледнав, деветтемина играорци беа жолти како крпа, а јас се плашев да не ми испадне од рака прачката со која удирав по тапанот. Кога легендарниот ороводец Дојчин Матевски се качи на тапанот, го погледнав и му реков:„Дојчине бакни ме в чело!“. Откако го направи тоа, со насмевка се свртев кон играорците и тремата за миг исчезна. Нашиот настап беше проследен со овации од публиката, а жирито ни ја додели првата награда на фестивалот – раскажуваше Сариевски.
Својата кариера во „Танец“ ја почнале и Пеце Атанасовски, Васка Илиева, Марко Коловски, Петранка Костадинова, Трајко Прокопиев, Александар Сариевски, Живко Фирфов, Јонче Христовски и други. На просторите на поранешна Југославија беше широко распространета поговорката: „Кога поминуваш низ Босна немој да пееш, кога поминуваш низ Србија немој да играш, но кога поминуваш низ Македонија немој ниту да играш ниту да пееш бидејќи ќе бидеш и натпеан и надигран“. Традицијата и фолклорот претставуваат најдобро чувана тајна, која како свеќа нѐ води во тунелот на времето. Со еден збор, ансамблот „Танец“ претставува подвижна енциклопедија на македонскиот народ.

Прапочетоците на „Танец“ почиваат на лазарополската играорна група.
– Секогаш е убаво и умно да се почнува од почеток. Особено ако се има минато. А ние имаме. Тоа е нашата лазарополска играорна група, која е зачетокот на „Танец“. Лазарополци меѓу сите жители на мијачките села имаат голем углед како играорци и песнопојци. Се тврди дека меѓу нив и нема човек без слух. Смислата за играње, пак, како да им е најразвиена, велат познавачите.
Објаснувајќи ги игрите на лазарополци, етнолозите велат дека тоа било израз на нивниот печалбарски живот. Зборот „печал“ означува човек што трпи, што се мачи, што се изложува на мизерување. Печалбарот далеку од своето огниште, семејството, жената и децата, сѐ потиснува во себе, ја затвора душата. Такви биле печалбарите лазарополци, сите од ред млекари и келнери, во многу далечната 1938 година. При една многу случајна средба во млекарницата на Ѓорѓе Батоски сестрите Даница и Љубица Јанковиќ, етнолози по професија, ја откриле нивната вродена дарба за игра и за песна. И веднаш го прифатиле нивниот предлог да формираат играорна група. Значи сосема случајно е откриена играорната и песнопојна дарба на Мијаците печалбари од Лазарополе. Во зимата 1938 година првпат во туѓина е формирана лазарополската играорна група. Неа ја сочинувале Ѓорѓе Батоски, Рафе Жикоски, Данко Попоски, Аврам Мирчески, Ташо Груески, Дамјан Галески, Тало Тасески, Митре Батоски, Анѓеле Чупоски, Спасе Мартиноски, Крсте Галески, Шпире Жикоски и Марко Слзаноски.
– По формирањето на машката играорна група веднаш е забележана празнина. Отсуството на женски состав бил голем хендикеп за подготовка на целовечерен концерт. Но многу брзо и тоа е надминато. Четири сопруги на играорците, сѐ уште слободни (без деца) се придружуваат на групата. Нивните имиња се: Анѓа, Милица, Илина и Паруска. За зурлаџии и за тапанџии немало проблем. Тие секогаш чекале на пусија во Лазарополе. Само требало да им се стори абер – забележува Риста Огњановиќ – Лоноски.

Подготовките не траеле долго. Носијата и машка и женска секој си ја имал и ја носел со себе. Ората се знаеле. Песните, исто така. Солисти за исполнување на песните биле Аврам Мирчески, Ташо Груевски и Дамјан Галески. Со тоа програмата била готова. Идејните водачи на групата (откриена, создадена и раководена) сестрите Даница и Љубица Јанковиќ, етнолози од Белград, ги организирале и првите нејзини настапи. Првиот концерт го приредиле во Скопје. Овде во овој град било и најлесно да се соберат, раскажуваат упатените. Приказната продолжува кај театарот крај Вардар некаде кон крајот на јануари 1939 година, кога ечеле зурлите на Мајо и на Ишлам, како и тапанот на Исак. Се играло и „Лесното“ и „Чамчето“. Се пеело и се играло. Но најголем впечаток кај гледачите оставило орото „Тешкото“. Се раскажува дека салата била преполна. Во рацете на сестрите Јанковиќ постојано имало покани за учество на приредби и на фестивали: настапувале во Белград, Загреб, Љубљана и во Сараево. Позитивните реакции и високите оценки од критиката се задржале сѐ до денес бидејќи овој ансамбл досега ја претставил македонската традиција на сите континенти. А реакцијата на публиката е и најголема награда за нив. По гостувањето во Австралија, на прашањето на новинарите како им се допадна настапот на „Танец“, публиката, едноставно, одговорила: „Ова не е ’Танец‘, ова е чудо од Македонија“.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


