Унгарскиот претставник во Јадранската лига, Шолнок, направи вистински преседен и го откажа мечот со Партизан, што навестува дека е можно и комплетно да го напушти регионалното кошаркарско натпреварување.
Раководството на Шолнок има договор со челниците на Лигата заклучно со завршувањето на овој циклус, а неизвесно е дали ќе продолжи соработката. Според чинот што Унгарците го направија и не отпатуваа за Белград на дуел со Партизан, може да се претпостави дека нема да ја продолжат јадранската одисеја.
Ако Шолнок отплови, тогаш можни се две варијанти. Лигата да ја напушти уште еден клуб и да продолжи со 12 учесници, како што првично беше планирано. Втората варијанта е да се прими нов член, а таквата солуција може да биде поволна за македонската кошарка. Во таков случај во игра за настап во Јадранската лига е и најтрофејниот наш клуб Работнички, кој би му се приклучил на шампионот МЗТ Скопје.
Викендов во Скопје допатува и првиот човек на АБА-лигата, Роман Лисац, што потврдува дека има интерес од двете страни за соработка. Сепак, на заминување Лисац за весникот „Нова Македонија“ изјави дека е рано за Македонија да има два претставника во регионалната лига. Пречка наводно е гаранцијата од 500 илјади евра што треба да се плати за прием во Јадранското кошаркарско друштво.
– Минав убав викенд со пријателите во Македонија. Присуствував на два интересни дуели. Во врска со Работнички, сакам да истакнам дека тој беше првиот тим од Македонија на кој му беше понудено да игра во лигата, но тој тогаш одби. Јадранската лига не негира дека е можно Работнички да учествува во тоа натпреварување, но тоа нема да се случи во следниве неколку години. Ставот на Лигата е ист како и во почетокот од годината, Македонија уште некоја година ќе нема втор клуб во Јадранската лига – истакна Лисац за „Нова Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.