| четврток, 6 декември 2018 |

Има голем интерес за гасификацијата на скопскиот регион

gasifikacija
Голем број компании се заинтересирани за проектот за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас во скопскиот регион. Гасоводната мрежа
ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнество, а се проценува дека ќе чини околу 100 милиони евра.
– Сѐ уште е рано да очекуваме поднесување документација бидејќи тоа треба да се случи во мај. Има голем интерес. Сите наши економски промотори и амбасади се вклучени во анимирање на компаниите. Очекувам дека ќе има поголем број компании кои ќе достават апликации за да се квалификуваат во вториот круг, што би значело најголем дел од нив да дадат финансиска понуда – изјави денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески пред почетокот на презентацијата на проектот во Стопанската комора на Македонија.
Концесијата ќе се додели за период од 20 години, а надлежните очекуваат дека договорот ќе биде потпишан до крајот на годината. Концесионерот во рок од четири години ќе треба да изгради 70 проценти од дистрибутивната мрежа во овој регион кој опфаќа 17 општини.
Анализите покажуваат дека гасификацијата претставува исплатлива инвестиција како за домаќинствата, така и за деловниот сектор. За една третина ќе се намалат трошоците, а инвестицијата се враќа за една до три години.
За просечен стан од 80 метри квадратни, приклучокот кон оваа мрежа ќе чини околу 100 евра, а над оваа квадратура ќе се доплаќа по 1,25 евра за квадратен метар. Приклучокот за комерцијалните објекти ќе биде по 1,25 евра по квадратен метар.
Скопскиот регион ќе биде првиот од планираните три региони во земјава што ќе се гасифицираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top