| четврток, 6 декември 2018 |

Лавров: Санкциите против Русија се неприфатливи и ќе имаат последици

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска на својот американски колега Џон Кери му порача дека санкциите на западните земји против Москва поради Крим се апсолутно неприфатливи, истакнувајќи дека ќе имаат последици.

– Санкциите на САД и ЕУ се апсолутно неприфатливи и нема да минат без последици, му порачал Лавров на Кери во телефонски разговор, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението на министерството, меѓутоа, не се наведуваат детали за можниот одговор на Москва на овие санкции.

Американскиот претседател Барак Обама потпиша одлуката за воведување санкции кон високи руски функционери, меѓу кои се претседателот на Горниот дом на Парламентот, Валентина Матвијенко, вицепремиерот Дмитриј Рогозин, советникот на рускиот претседател Сергеј Глазјев, помошникот на претседателот Владислав Сурков, пратениците во Думата, Елена Мизулина и Леонид Слуцки и сенаторот Андреј Клишас.

Покрај тоа, Вашингтон воведе санкции и за претседателите на кримското Собрание и Влада, Сергеј Аксјонов и Владимир Константинов, сменетиот украински претседател Виктор Јанукович и лидерот на движењето Украински избор, Виктор Медведчук.

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ во Брисел го осудија припојувањето на Крим кон Русија и објавија листата со имиња на 21 лица за кои оценуваат дека учествувале во нарушувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, од кои осуммина се политичари од Крим, 10 руски пратеници, меѓу кои и лидерот на „Праведна Русија“, Сергеј Миронов и потпредседателот на Думата Сергеј Железњак, како и командантите на Јужниот и Западниот воен округ, Александар Галкин и Анатолиј Сидоров, и командантот на руската Црноморска флота Александар Витко.

Рускиот претседател Владимир Путин и кримските лидери денеска во рускиот Парламент ја потпишаа спогодбата со која Полуостровот Крим и Севастопољ, град со посебен статус, веднаш се припојуваат кон Руската Федерација, а рокот за завршување на преодниот период од нивната интеграција е 1 јануари 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top