| четврток, 6 декември 2018 |

Западните лидери го осудија договорот за приклучување на Крим кон Русија

Западните лидери ја осудија спогодбата за влегување на Крим и Севастопољ во составот на Руската Федерација, што денеска во рускиот Парламент ја потпишаа претседателот на Русија, Владимир Путин и кримските лидери.

Белата куќа соопшти дека САД и членките на Г7 следната недела во Хаг ќе го разгледаат нивниот нов одговор на обидот на Русија за припојување на украинскиот Кримски регион.

Состанокот ќе биде оддржан на маргините на самитот за нуклеарна безбедност, на кој ќе присуствува и претседателот Барак Обама. Американскиот потпретседател Џо Бајден, кој дeнeскa во Варшава разговараpше со  полскиот премиер Доналд Туск, изјави дека Вашингтон е цврсто решен да ја брани безбедноста на своите НАТО сојузници на границата со Русија.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека меѓународната заедница не може да ја прифати интервенцијата на Русија на Крим.

– Меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Полска, не може да ја прифати анексијата на Крим од страна на Русија. Во еден момент тоа ги менува украинските граници и геополитичката ситуација во овој дел од светот, рече Туск.

Шефот на британската дипломатија Вилијем Хејг пред британскиот Парламент изјави дека со одлуката за потпишување на оваа спогодба меѓу Крим и Руската Федерација, претседателот Владимир Путин го избрал „патот на изолација“.

Тој изјави дека Велика Британија ќе ја суспендира воената соработка со Москва и воените извозни лиценци за Русија, како и дека се откажува од поморската воена вежба и ја суспендира планираната посета на британски воен брод на Руската Федерација. Хејг, меѓутоа, додаде дека „не е предоцна за дипломатски напори“ и дека „вратата на дипломатијата останува отворена“.

Германскиот канцелар Ангела Меркел оцени дека спогодбата за влегување на украинскиот Кримски регион во составот на Русија претставува кршење на меѓународното право.

-Таканаречениот референдум го прекрши меѓународното право, прогласувањето на независноста која рускиот претседател вчера ја прифати е спротивно на меѓународното право, а и денешното припојување на овој регион кон Руската Федерација, по наше цврсто уверување, исто така, е спротивно на меѓународното право.

Францускиот претседател Франсоа Оланд ја осуди одлуката на рускиот претседател да јапотпише спогодбата за интеграција на Крим во Русија изјавувајќи дека Европа треба да даде „силна и координирана реакција“.

– Ја осудувам оваа одлука. Франција не ги признава ниту резултатите од референдумот, а ниту припојувањето на овој украински регион кон Русија, наведе Оланд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top