Министерот за труд и за социјална политика, Диме Спасов, денеска се обрати пред членките на Стопанската комора на Македонија, на презентацијата за новите мерки за поттикнување на вработувањата во 2014 година.
– За мене како ресорен министер, партнерскиот однос со деловниот сектор е од исклучително значење и само така можеме да ги постигнеме заедничките цели а тоа економски силна држава. Оттука поттикнувањето и зголемување на вработеноста, и отворањето на нови работни места, се стратешки и долгорочен приоритет на Владата кои се реализираат преку поширока палета на мерки и активности – рече Спасов.
Економскиот развој и креирањето на работни места бара мултисекторски пристап за што Владата на Република Македонија во изминатиот период спроведе голем број реформи за подобрување на бизнис-климата и конкурентноста, зголемување на инвестициите, намалување на трошоците на фирмите преку намалување на даноците и придонесите, зголемување на ефикасноста на регулативата за работни односи, подобрување на образовниот систем и човековите ресурси согласно со потребите на пазарот на трудот, надополнети со активните политики за вработување, ефикасни служби на пазарот на трудот и обезбедување на поголема флексигурност на работни места се создадоа подобри услови за отворање на нови работни места на македонскиот пазар на труд.
Тие беа донесени на интегрален и координиран начин со социјалните партнери со што се влијаеше на стимулирањето на побарувачката на работна сила и јакнење на инклузивниот развој и социјалната положба.
Спасов нагласи дека во Македонија се подобрени условите за формализација на работни места преку ниските даноци и даночни олеснувања за малите претпријатија, земјоделците и лицата што првпат креираат претпријатие, како и преку дополнителни стимулативни активни мерки за креирање на работни места и формализирање на претпријатијата.
– Во политиката за вработување во последниот период посебен акцент е ставен на согледување на реалниот број баратели на работа, утврдување на структурата на барателите на работа, создавање соодветна активна политика и мерки за вработување приспособени според потребите на барателите на работа и можностите на пазарот на трудот, развој на услугите за вработување со зголемување на опфатот на корисниците, и засилување на индивидуалниот пристап во работењето со невработените лица, особено на лицата со намалени можности на пазарот на трудот. Се преземаат активности за зголемување на информираноста на работодавачите за активните мерки и состојбата на пазарот на трудот, како и информираноста за можностите на пазарот на трудот и мотивираноста на невработените лица за активно барање на работа, преку новата веб страна на Агенцијата за вработување, мотивациони обуки, информативни средби и слично – потенцираше Спасов.
Во периодот од 2007 до 2013 година преку различни активни програми и мерки за вработување опфатени се 54.958 невработени лица и се постигнати 30.524 вработувања.
– Преку Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување се реализираат различни активни програми и мерки за вработување како што се : програма за самовработување,финансиска поддршка на правни субјекти, субвенционирање на вработувањето, субвенционирано вработување на деца без родители, субвенционирано вработување на инвалидни лица, практикантство, различни видови на обуки и др. Oтпочнавме со спроведување на Програма за субвенционирање на вработување на невработени лица, корисници на социјална парична помош кај работодавачи од приватниот сектор. Имено, распишан е јавен оглас за вработување на 125 невработени лица корисници на социјална парична помош, преку субвенционирање на вработувањето. Оваа мерка беше уредена со Закон за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита. Последна во низата мерки за поттикнување на вработувањето на невработени млади лица во Република Македонија е ставање во законска рамка на можноста за ослободување од плаќање на социјални придонеси на работодавачите кои ќе вработат лице до 29 години – рече Спасов.
На крајот тој нагласи дека бизнис заедницата може и има голем удел во реализација на поволности и проекти за различни категории на граѓани преку конкретната подршка и изразената хуманост. Стопанската комора и Владата на Република Македонија остваруваат заедничка мисија а тоа е да работат на подобрување на социјалната положба на сите категории на граѓани кои се во социјален ризик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Делев: Мерките кои ги презема Владата на „црната тројка“ Заев, Анѓушев и Тевдовски се антиреформски
-
Додека СДС држи празни прес-конференции, ВМРО-ДПМНЕ предлага сет мерки за помош на земјоделците
-
Во Македонија вработени се 723.550, а невработени 225.049 лица
-
Нови мерки за вработување – овојпат за невработените во социјален ризик!