| четврток, 6 декември 2018 |

Кој е Дарко Шариќ?

darko-saric3

Шефот на наркомафијата, чие апсење беше неколку пати најавувано во медиумите, првпат се појави во октомври 2009 година кога агенциите пренесоа дека уругвајската полиција запленила 2,8 тона кокаин на јахтата „Мауи“, која пловела под британско знаме на 25 километри од Монтевидео.

Во таа акција се уапсени Уругваец и Србин, кои се обиделе да го префрлат кокаинот со јахта на прекуокеански брод, чија крајна дестинација била западна Европа.
Пратката била пресретната во акција наречена „Балкански воин“, која ја спроведувале американската ДЕА, српската БИА и полицијата на Уругвај.

Во јануари 2010 година е распишана меѓународна потерница за Дарко Шариќ. Десетина дена претходно тој е забележан во Црна Гора, а оттогаш му се губи секаква трага. Првично се шпекулираше дека избегал во Швајцарија.

Еден месец подоцна српската полиција открива дека Шариќ има полициско досие од 2000 година од кога е осомничен за перење пари, а во 2010 година се сомничи и за шверц на кокаин во Србија.

Против неговата мафија е покренато обвинение во април 2010 година. Тогашниот државен секретар од Министерството за правда, Слободан Хомен, изјави дека било откриено поврзност на наркокланот на Шариќ со поедини државни функционери од јавни претпријатија како и носители на државни функции. Според Хомен, многубројни поранешни политичари станале успешни бизнисмени веднаш откако ја напуштиле политиката.

Енормен раст на неговата моќ, на трговијата со дрога и на пари била регистрирана во периодот од 2004 година до 2009 година и во тие пет години треба да се бараат луѓето од власта кои им помагале за перење пари, тврдеше Хомен.

darko saric1

Во мај 2010 година српски „Прес“ пишуваше дека Шариќ и неговиот клан планирале ликвидација на највисоките државни функционери во Србија, оперативци на полицијата и на БИА, а за таа цел биле обезбедени 30 милиони евра, со што требало да бидат финансирани акции за собирање информации за луѓето што работат во акцијата „Балкански воин“, за застрашувања, подготовки и извршување на ликвидациите.

Во август 2010 година заработил уште една пријава за перење на повеќе од 20 милиони евра од продажба на кокаин. Парите биле вложувани во земјоделски добра и хотели во Војводина, како и во други приватизации во Србија.

Само преку приватизации на претпријатија тој испрал повеќе од 6 милиони евра. Истиот месец австриските медиуми го обвинија поранешниот шеф на Хипо Алпе Адриа банка, Тило Берлин, дека во периодот од 2007 до 2009 година му овозможил на Шариќ да испере 100 милиони евра. Шариќ ги вложил парите во банката преку офшор-фирми, за потоа од Хипо груп Недерландс да добие кредит од 81,56 милион евра, а од сестринската компанија Хипо АЛпе Адриа интернешнел АГ  17,9 милиони евра. Тие пари биле префрлени на сметка на фирмата „Блок 67 асошиејтс“ која градела комплекс станови во Белград.

Во октомври 2010 година во Црна Гора е уапсен братот на Дарко, Душко Шариќ, по потерница на италијанските власти поради обвинение дека бил организатор на група која препродавала кокаин во Италија. Една година подоцна Специјалното обвинителство подигнало пет обвиненија против Шариќ и неговите најблиски соработници.

Судењето за шверц на 2 тона кокаин од Латинска Америка почна во 2012 година во специјалниот суд во Белград. Во јануари 2013 година српскиот премиер Ивица Дачиќ соопшти дека се стега обрачот околу наркобосото и дека следниот чекор ќе биде негово апсење. Дачиќ, исто така, изјави дека ќе бидат проверени шпекулациите дали навистина некој министер од Владата бил во контакт со Шариќ и ако се испостави дека е вистина, министерот ќе биде уапсен.
Според пишувањата на српски „Блиц“ од 24 февруари годинава, српската БИА добила известување од американската ДЕА дека постои „крт“ во српската полиција откако пропаднала полициската акција за заплена на дрога на кланот на Шариќ во март 2009 година. Тогаш сѐ било подготвено за запленување на дрогата на Шариќ и Родољуб Радуловиќ, познат како Миша Банана.

saric2

Постоела информација дека требало да се префрли еден тон кокаин на бродот на Радуловиќ. Но, акцијата пропаднала. Подоцна било утврдено дека информацијата протекла од српското МВР. На 26 февруари годинава, Специјалниот суд во Белград му го одзел пасошот на адвокатот од Нови Сад, Радован Штрбац, кој е осомничен дека пренесувал полициски информации на припадниците на кланот на Шариќ за следење и прислушувања, кои ги добивал од тогашниот шеф на кабинет на Ивица Дачиќ, Бранко Лазаревиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top