Октај Махмути го урна големиот Реал Мадрид и го предводеше својот тим Ефес Пилсен до победа од 74-72 против кралскиот клуб во 7. коло од топ-16 фазата во кошаркарската Евролига.
Скопјанецот маестрално ја компонираше тактиката на турскиот тим за прв пораз на Реал. Двата тима се изедначени на врвот на табелата во Е групата, со по 6 победи и само еден пораз.
Лукас со 16 поени беше лидер на Ефес, а во драматична завршница Џејси Керол промаши шут за три поени што ќе му донесеше победа на гостинот од Мадрид.
ЦСКА Москва го „збриша“ Панатинаикос од паркетот во Москва и славеше со 86-69.
Клучна беше серијата од 19-5 што ја предводеше Сони Вимс, со 9 поени во третиот период. Тој го заврши мечот со 19 поени, еден помалку од најефикасниот поединец Милош Теодосиќ кој даде 20 поени.
Барселона го испрати Макаби во долниот дел од табелата во Ф групата, со триумф во Израел од 82-77. Хрватскиот центар Анте Томиќ доминираше под обрачите и постигна 18 поени, комбинирани со 6 скока. На Израелците не им помогна ниту расположениот Рики Хикман кој беше најефикасен на средбата со 19 поени.
Резултати: Ефес Пилсен – Реал Мадрид 74-72, ЦСКА – Панатинаикос 86-69, Макаби – Барселона 77-82, Алба – Уникаха 65-67, Бросе Баскет – Жалгирис 87-88 (по едно продолжение).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.