Македонија и Словачка бележат 20 години исклучително добри, многу пријателски односи, континуран политички дијалог, партнерска соработка во голем број области и многу културни врски, истакна министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска во Охрид, на свеченоста по повод промовирањето на македонско-словачкото издание на „Прогласот кон светото евангелие на Константин Филозоф“.
– Кирил и Методиј ни оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави. Низ кодот на писменоста ние продолжуваме да ги градиме и унапредуваме одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словачка, онака како што им доликува на пријателски држави и народи – истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Министерот Попоски пред присутните на промоцијата на делото објавено во знак на одбележување на 1150-годишнината од моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, потсети на заклучоците произлезени од неодамнешната негова средба со словачкиот заменик-премиер и министер за надворешни и европски работи Мирослав Лајчак во Братислава, за можностите што стојат пред двете држави за уште посеопфатна и попродлабочена соработка, како и потребата од нејзино интензивирање и унапредување. Притоа како активност во таа насока Попоски ги посочи чекорите за отвoрање почесен конзулат на Република Македонија во Словачка, предвидено некаде до крајот на оваа година.
– Убедени сме дека неговото отворање ќе даде дополнителен импулс на билатералната соработка, пред сѐ во економијата и во културата – истакна Попоски.
Шефот на македонската дипломатија како особено важен за Република Македонија го посочи принципиелниот став на официјална Братислава, конзистентноста на политиката на Република Словачка за неопходноста кон проширувањето на Европската унија со земјите од Балканот.
– Веруваме во принципиленоста и конзистентноста на институциите на ЕУ со цел Македонија и останатите држави од регионот да станат дел од европското семејство каде и природно припаѓаме. Искрено посакуваме и веруваме дека следниот македонско-словачки јубилеј ќе го прославиме како две полноправни членки на НАТО и на ЕУ – истакна Попоски.
Амбасадорот на Република Словачка во Скопје, Мартин Безак, говорејќи за билатералните односи и историските културни врски меѓу двете држави, истакна дека Словачка многу пати покажала дека искрено, принципиелно и несебично се залага за успех на Македонија во интеграцискиот процес.
– Нашата поддршка и асистирањето ќе продолжат бидејќи за вашето полноправно членство во ЕУ и во алијансата Република Словачка појавува силен интерес… Јазичната и културната блискост, заемната почит и интересот за соработка даваат дополнителен импулс за натамошен развој на билатералните врски во сите области од заеднички интерес – истакна Безак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани