| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се интензивира соработката со Молдавија

моладвија

Потенцијалите за економска соработка меѓу Македонија и Молдавија се минимално искористени. Двете држави минатата година оствариле трговска размена од 1,34 милиони американски долари што претставува благ пораст од 4,7 проценти во однос на 2012 година.

Со цел да се интензивира соработката меѓу компаниите од двете држави денеска Стопанската комора на Македонија организираше презентација на саемите за земјоделство и за градежништво како две најголеми саемски манифестации во Молдавија, а потпиша и меморандум за соработка со најголемата саемска манифестација „МОЛДЕКСПО“.

Од Стопанската комора на Македонија ги гледаат овие саемски манифестации како можност македонските компании да ги презентираат своите производи на пазарот во Молдавија, а индиректно и на пазарите во Русија, Украина и во Романија.

– Со презентација на двата најголеми саеми во Молдавија, македонските компании ќе имаат можност да ги промовираат своите производи за пласман на пазарите во Молдавија, а меморандумот за соработка е со цел да ги искористиме бенефитите и да им овозможиме на македонските компании во што поголем број да изложуваат на овие саемски манифестации. Преку тоа ќе се зголеми соработката со Република Молдавија, а индиректно ќе се иницира и стимулира соработката и со пазарите во Романија, Белорусија, Украина, Русија, Казахстан, Узбекистан со кои Молдавија има традиционални трговски врски – истакна Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Двата саема се одржуваат два пати годишно, напролет и во есен. На нив учествуваат голем број компании, а саемите се посетени од над 11.000 посетители.

„МОЛДЕКСПО“ е саемска организација со 50-годишно искуство каде што годишно се одржуваат пеку 30 манифестации со учество на компаниите од повеќе од 30 држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top