| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски: Не е точно дека еден милион килограми тутун се неоткупени

Ljupco_Dimovski_g_19

Не е точно дека еден милион килограми тутун се неоткупени. Во некои региони во Источна Македонија се останати одредени количини, но и тие, околу 20 до 30 тони, во следните денови би требало да бидат откупени, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

– Ние имаме многу прецизна база на податоци на сите склучени договори, како и евиденција на сите предадени количини, посебно од секоја откупувачка компанија и пункт – изјави Димовски.

Според него, досега се откупени вкупно 32,68 милиони килограми тутун.

До евентуалното намалување на тутунопроизводството може да дојде, нагласи министерот, доколку тобако индустријата ја намали побарувачката на суровина за цигари за да го намали производството што е во согласност со барањата на Светската здравствена организација.

– Не станува збор за тоа дали ние сакаме да се откупи повеќе или помалку тутун, туку за тоа колку големите тобако индустрии бараат од откупувачите. Ако од меѓународните институции се бара намалување на потрошувачката на цигари, ќе има и намалена побарувачка на суров ориентален тутун – објасни Димовски.

Според симулациите направени во Министерството за земјоделство со тутунопроизводителите и откупувачите, оптималното годишно производство ситнолистен ориентален тутун треба да се движи од 25 – 26 милиони килограми што не е проблем да се постигне.

– Цениме дека годинашното производство од 25 до 26 милиони килограми, кое е во  рамки на досегашниот просек од изминатите 30 години, е и оптимумот во кој би требало да се движи производството. Со тоа се согласуваат и производителите зашто оваа количина е сосема доволна за стабилно производство и соодветна цена со која тие би биле задоволни – потенцира министерот.

Утрово, информира, повторно имал координативен состанок со откупувачите на кој биле дефинирани количините што ќе бидат предмет на договарање за откуп на реколтата 2014, како и критериумите за склучување договори.

– Министерството инсистира сите производители да имаат потпишано договор со откупувачите. Во тој случај би требало да ги исполнат критериумите за квалитетно производство и квалитетно манипулирање со тутунот што во некои ситуации не беше испочитувано. На наше инсистирање, исто така, откупувачите се согласија, во следниот период, по добивањето на евидентните картони, да склучат договори со индивидуалните производители посебно за секоја парцела, по тип на тутун – рече министерот Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top