На Институтот за судска медицина и криминалистика работи единствената независна форензична лабораторија за ДНК во Македонија, која врши анализа на биолошки материјал. Лабораторијата дава прецизни наоди кои се од корист на медицината, криминалистиката и на медицинската деонтологија. Опремата што ја има лабораторијата овозможува да се зголеми потенцијалот на лабораторијата за најмалку осум пати на ден, како и да се роботизира целокупниот процес на обработка на ДНК-молекулата на биолошки траги.
- Лабораторијата функционира од 2004 година. Станува збор за проект меѓу Институтот за судска медицина и Агенцијата за германска техничка помош (ГТЗ). Тоа е нивна донација. Од 2005 година досега континуирано се акредитираме во најголемата Агенција за акредитација на форензични лаборатории за ДНК во светот. Станува збор за тестови кои тие ни ги праќаат секоја година, содржат 14 примероци и претставуваат микс од повеќе биолошки материјали (крв, плунка, сперма). Значи, може да е една трага, може да се траги од четворица и треба да се докаже што е (крв, плунка, сперма) и со кој метод си го докажал тоа, како и да го одредиш генотипот за сите личности. Ние аплицираме за сите локуси што досега се измислени на молекулата на ДНК. Тоа се автозомни локуси (локуси се дел од молекулата каде што се наоѓаат гени од мајката и од таткото). Ги имаме акредитирано сите автозомни локуси. Станува збор за 50 локуси на молекулата на ДНК, и тоа за гени кои се наследуваат подеднакво од мајката и од таткото. Имаме лиценцирано 27 ипсилон-хромозоми – локуси кои се наследуваат само по таткото, и тоа е најголем број локуси кои се работат во светот. Од оваа година имаме акредитирано и митохондијална анализа на ДНК, која ја работеше колешката Рената Јанкова-Ајановска. Имаме цела палета на акредитации на локуси на ДНК-молекулата што се работат и ние сме единствената лабораторија во регионот што покрива лиценца со толкав број локуси на ДНК-молекулата, вклучувајќи ја тука и митохондијалната ДНК, што е врв во една форензична практика со ДНК – вели доцент доктор Златко Јаќовски, специјалист по судска медицина.

Сертификатите кои секоја година ги добива форензичната лабораторија
Акредитациите што ги има лабораторијата значат дека сите резултати што излегуваат од овој Институт се сигурни, веродостојни и признаени во секој суд во светот. Резултатите се изработени по најдобри стандарди.
- Во постапка сме и за акредитација за стандардот ИСО на лабораторијата за ДНК, но и на сите лаборатории на Институтот за судска медицина и криминалистика. Потребни се средства, структурни приспособувања на просториите, потоа за одржување на апаратите… Акредитацијата ИСО ќе значи дека нашата лабораторија ќе биде компатибилна со сите светски институции и ќе може да конкурира на светскиот пазар – вели д-р Јаќовски.
Клиенти на оваа лабораторија се судовите во Македонија, но работат и со приватни лица. Најчесто се испитува, односно докажува татковство, а за судовите се работат сите кривични дела – убиства, самоубиства, несреќни случаи, силувања, полов напад врз дете. Во форензичната лабораторија се врши и идентификација. Конкретно, тие ја вршеа идентификацијата во несреќата во која загина поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски. Тогаш, за 48 часа извршија идентификација на седум тела, што беше еден вид светски рекорд – за толку кратко време да се изврши идентификација на седум тела.
Тимот што работи во оваа лабораторија е мал – го сочинуваат двајца специјалисти по судска медицина, д-р Јаќовски и д-р Јанкова-Ајановска, која е и специјалист по медицинска генетика, и еден фармаколог, кој, за жал, сѐ уште е волонтер.

Д-р Рената Јанкова-Ајановска на работното место во лабораторијата
Лабораторијата има повеќе апарати за испитување на сите видови биолошки материјал – крв, плунка, сперма, влакна, коски, заби, предмети кои биле во контакт со сторител или жртва на кривично дело. Два од апаратите се главни носители на форензичните ДНК- анализи.
- Едниот е за изолација на ДНК-молекула по роботски систем, со што за многу пократко време се изолираат примероците, но се намалува и можноста за контаминација од човечко потекло. Вториот апарат, кој е меѓу поскапите, ги чита резултатите. За осум пати се зголемува досегашната работа на лабораторијата и за четири пати се зголемува сензитивноста – вели д-р Јаќоски.
Лабораторијата работи и со клиенти од странство. Најчесто нивните услуги ги користат судовите од Косово, поретко од јужна Србија.
- Оваа лабораторија се одржува од меѓународни научни проекти. Последен проект во кој учествуваме беше надградба на базата на ипсилон-хромозом на светско ниво. Тоа значи дека една од лабораториите што дадоа резултат беше нашата лабораторија. Инаку, дадоа резултат вкупно 17 лаборатории од целиот свет. Ние бевме единствени во регионот. Во тој проект доминираа лаборатории од Германија, скандинавските земји и од Латинска Америка. Имаме надградување на автозомните локуси за база на популации. Нашата база на популации и за митохондијалната ДНК е влезена во светската база. Во таа база е и македонската популација. Тоа е важно бидејќи преку изградба на тие бази на популации може да се вршат статистички анализи за да се утврди идентитет на потекло на биолошка трага. За да кажеме дека едно влакно припаѓа на одреден човек, освен што ќе треба да се совпадне влакното на осомничениот или жртвата, треба да изработиме и статистика со колкав процент на веројатност тоа влакно припаѓа на тој човек. Процентот на веројатност треба да биде 99,99. Исто така, имаме и претпоставка на која база припаѓа тој човек и статистиката ја работиме врз основа на популацијата на која припаѓа човекот – објаснува Јаќовски.

Доцент д-р Златко Јаќовски, специјалист по судска медицина
Лиценците за работа на лабораторијата се обновуваат секоја година. Лабораторијата при Институтот има заедничка соработка со други меѓународни лаборатории – со таа во Загреб, Хрватска, потоа во Инзбрук, Австрија. Тимот се усовршувал и во Словенија и во Нови Сад, а соработуваат и со лабораторијата за ДНК во Белград.
- Организиравме и работилница на форензични лаборатории во регионот за акредитација на форензични лаборатории за стандардот ИСО. Имавме предавачи од Германија, Шпанија, Англија, Чешка. Ние соработуваме со сите лаборатории, научни, универзитетски, полициски, но и со приватни лаборатории. Кај нас нема приватни лаборатории, но затоа, пак, има во Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска… Соработуваме со сите лаборатории за ДНК кои покажуваат интерес и работат по светски стандарди – вели д-р Јаќовски.
Тимот кој работи е мал и компактен, но сигурно дека тие би биле задоволни ако се зголеми бројот на лицата што се вклучени во работата на лабораторијата.
- Идеално би било ако имаме уште двајца вработени со високо образование и уште еден лаборант – заврши д-р Јаќовски.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


