| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Македонија остана земја со најниски даноци во Европа

vmro-dpmne-otcet-7

– Македонија остана земја со најниски даноци во Европа – изјави Никола Груевски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер во денешниот отчет на Владата за тоа што е сработено во изминатите три години од 2011 до 2014 година.

Во отчетот на Владата Груевски соопшти дека со обезбедување нови 250 милиони евра со субвенционирана камата од 5,5 проценти, е помогнато на 1.009 македонски претпријатија.

-Ја подобривме ликвидноста на приватниот сектор со целосна исплата на заостанатите обврски. Како што ветивме, кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 исплатени се сите обврски на буџетот кон приватниот сектор во износ од 92 милиони евра и целосно е нормализирана состојбата предизвикана од кризата, рече Груевски, нагласувајќи дека Македонија е една од ретките земји што целосно се раздолжила кон стопанството.

Груевски посочи дека Владата целосно го исполнила ветувањето кон бизнис заедницата.

Во отчетот тој нагласи дека Македонија по четврти пат е меѓу топ 10-те земји реформатори, и се наоѓа на 25 место во светот како топ реформатор од вкупно 189 земји, за разлика од пред неколку години кога била на 94 место, потенцирајќи дека Македонија е најдобро рангирана од земјите од регионот.

-Македонија се најде и меѓу десетте најдобри земји по индикаторот- пристап до кредити и заштита на инветитори, и на 35 место од 145 земји по водење на бизнис, со што бележи напредок од цели 46 места од 2007 година, рече Груевски.

Според Форбс , како што посочи премиерот, Македонија е на 43 место од 183 земји според индексот на економски слободи и бележи напредок од цели 35 места во 2014 година.

Груевски истакна дека како резултат на реформите за промоција на Македонија како поволна инвестициска земја во државава влегле повеќе гринфилд инвестиции, посочувајќи ги како такви Џонсонс Контролс, кој започна да гради втора фабрика во Штип, Џонсон Мети, кои исто така отворија втора фабрика во Македонија, Кемет Електроник, инвестиција вредна 35 милиони американски долари која вработи 500 лица, Кромберт и Шуберт со околу 1.000 вработени, белгиската Ван Хол со 500 вработени, Дрексел Мајер инвестиција во Кавадарци, која отвори околу 4.000 работни места и која до крајот на 2014 година ќе го зголеми бројот на 4.800 вработени.

Премиерот Ггруевски нагласи и дека дел од странските инвеститори најавиле и отварање на втори капацитети во Македонија, како што се Технохозе, инвестиција вредна 10 милиони евра, со 150 вработени лица, која, како што нагласи, најавила и нова инвестиција вредна 11 милиони долари, Продис, инвестиција вредна над 5 мил евра, која отвори 130 нови работни места и  најави нова инвестиција која ќе се рализира од април годинава, како и руската  Гришко која инвестираше во Демир Хисар и каде моментално работат 800 лица и која најавила отварање на нов погон каде ќе сде вработат уште 150 лица.

-Неодамна и англиска компанија најави дека ќе инвестира во Македонија и ќе вработи околу 450 лица во Скопје во првите три години, а во внатрешноста на Македонија ќе отвори нови работни места за уште толку граѓани, рече Груевски, кој додаде дека во моментов се во активни преговори со уште многу други странски компании.

Странските директни инвестиции, посочи, во периодот до 2013 изнесуваат 1.871 милиони евра. Извозот првпат надмина 3 милијарди евра и во 2013 изнесуваше 3.206 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top