| четврток, 6 декември 2018 |

Србија гласа на предвремени парламентарни избори

србија

Српските граѓани денеска гласаат на предвремени парламентарни избори . Има вкупно 6 765 998 лица лица со право на глас. Од 7 до 20 часот во земјата се отворени 8300 избирачки места и уште 90 на територијата на Косово. Србите што живеат во странство ќе можат да гласаат на 35 избирачки места во 20 држави. Според официјалната статистика, околу 4 милиони граѓани на Србија живеат во странство.

Изборните ливчиња содржат 19 листи на партии, коалиции и групи граѓани, од кои 7 се на партии на малцинствата. Во листите фигурираат вкупно 3020 кандидати за пратеници, а според законските одредби 36 отсто од нив се жени.

Според последните анкети, се очекува централно-десничарската Српска напредна партија да освои 45 отсто од гласовите, а нејзиниот водач Александар Вучиќ е најчесто споменуван како иден премиер .

Изборите ќе бидат набљудувани од српскиот Центар за слободни избори и демократија ( ЦеСИД ) и од набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа ( ОБСЕ ), Парламентарното собрание на Советот на Европа, претставници на централните изборни комисии на Русија и Албанија и на Меѓупарламентарното собрание на Заедницата на независни држави и дипломати од бугарската, британската и американската амбасада.

Конечните резултати од гласањето треба да бидат соопштени најдоцна на 20 март, а прелиминарните извештаи на меѓународните набљудувачи можат да се очекуваат уште во понеделник.

Освен за пратеници, граѓаните на Белград денес ќе гласаат за 110 општински советници, кои ќе управуваат со градот во наредните 4 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top