| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки медиуми: Претседателските избори се одржуваат „во Скопје“

Сите грчки медиуми, засега без коментар, јавуваат дека Државната изборна комисија на Македонија ги потврди кандидатурите за претседател на Ѓорге Иванов, Стево Пендаровски, Зоран Поповски и Илијаз Халими за изборите закажани
на 13 април.

Освен еден или два медиуми кои напишаа дека „изборите се во ПЈРМ“, за сите останати престедателските избори се одржуваат „во Скопје“.

– Најголемата албанска партија ДУИ на Али Ахмети, која е дел од владејачката коалиција, соопшти дека нема кандидат за претседател на овие избори, и ги повика албанските гласачи да не поддржат ниту еден кандидат – пишува „Та Неа“.

Медиумите во Грција информираат дека за да биде избран во првиот круг, кандидатот за претседател треба да добие повеќе од 50 проценти од гласовите на избирачите „што е малку веројатно дека ќе се случи“.

– Затоа, се очекува да има и втор круг по две седмици, на 27 април, меѓу двајцата кандидати кои ќе освојат најмногу гласови во првиот круг. Според сите показатели, во вториот круг ќе одат Иванов и Пендаровски, по што актуелниот претседател најверојатно ќе биде реизбран за уште еден мандат – коментираат медиумите.

Во врска со предвремените парламентарни избори во Македонија, во Грција се информира дека тие ќе се одржат на денот кога ќе биде вториот круг од претседателските „и на нив се очекува да доминираат партијата на премиерот Никола Груевски – меѓу македонските партии и на Ахмети – меѓу албанските партии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top