Веб-сервисот на Агенцијата за вработување на Република Македонија преку коj се овозможува доближување на понудата и побарувачката на работа, навремено информирање на младите лица за расположиви работни места и распишани огласи, за само два месецa забележал над 220 илјади посети и над 83 уникатни посети.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека овој сервис, покрај активните мерки што ги презема Владата за намалување на невработеноста кај младите, е алатка за полесно, побрзо, навремено и релевантно да се информираат сите невработени лица, а особено младите, кои, како што рече, во најголем дел го користат интернетот.
– Овој свервис, како и мобилната апликација Прв.мк ги информираат невработените за сите отворени можности кои ги имаат за вработување, за сите отворени огласи кои се во тек. Остварените над 220 илјади посети и над 83 уникатни посетители се показател за интересот и можноста која им ја даваат овие две алатки на невработените, особено младите, бидејќи практично имаат можност да се информираат за сите слободни работни места, но и преку интернет електронски да аплицираат, да изразат интерес, да бидат повикани на интервју. Практично ние направивме електронско поврзување на понудата и побарувачката на пазарот на труд, чекори и проекти кои би требало дополнително и значително да ја зголемат информираноста на младите невработени лица, а од друга страна да доведе и до поголемо нивно вработување – рече Спасов.
Тој потсети дека Владата, покрај овие, презема и активни мерки за намалување на невработеноста кај младите, кои, како што посочи, треба да обезбедат побрзо вклучување на младите на пазарот на трудот, како и обезбедување полесна транзиција на младите од училиште на работа.
Притоа посочи на Акцискиот план за вработување на млади кој е насочен кон зајакнување на политиките за вработување вклучувајќи ги и програмите во образованието, обуката, надградбата и стекнување нови вештини, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во 2014 години, со опфат на младите лица до 29 години.
Ги истакна и Програмата за практиканство која, како што рече, е во најголем дел наменета за младите, а овозможува тие побрзо да се стекнат со искуство на работно место и побрзо да се вработат по завршување на формалното образование, Програмата „Прва Шанса“, која се спроведува од годинава, Програмата за вработување, Програмата за самовработување преку започнување сопствени бизниси со државна неповратна помош од 200.000 денари за реализација на бизнис идеја, Програмата за субвенционирано вработување за стимулирање на побарувачката на работна сила и вработување невработени лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот… како и последната мерка за вработување млади лица до 29 години согласно која работодавачот е ослободен од плаќање на сите социјални придонеси во траење од една година и од персонален данок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.