Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска имаше средба со делегација од полското МНР, предводена од државниот потсекретар Хенрика Мошчицка Дендис, задолжена за европска политика, човекови права и парламентарни работи.
На средбата министерот Попоски и потсекретарот Мошчицка Дендис ги разгледаа севкупните билатерални односи и изразија заемно задоволство од нивото на односите и соработката меѓу Македонија и Полска. На средбата беше потенцирано значењето на активниот политички дијалог и успешното одвивање на соработката во рамките на полско-македонската „Скопска конференција“ за пренесување на искуствата од евроинтегративниот процес.
Двајцата разговарале и за евроатлантската перспектива на Република Македонија, за регионалната соработка и за случувањата во регионот на Западен Балкан и на Источното партнерство.
Во рамките на посетата, предвидено е одржување политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Република Полска, предводени од заменик-министерот Зоран Петров и државниот потсекретар Мошчицка Дендис.
Како што стои во соопштението за време на престојот на потсекретарот Мошчицка Дендис во Македонија, свечено ќе биде отворен новиот објект на Амбасадата на Република Полска во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



