| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ в понеделник ќе објави листа на Руси кон кои ќе воведе санкции

flag_europe

Европската унија в понеделник ќе ја комплетира листата со имињата на руските официјални лица кон кои ќе бидат воведени санкции поради нивната улога во нарушувањето на територијалниот интегритет и независноста на Украина.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на понеделничкиот состанок на Советот за надворешни работи (ФАК) на Унијата, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ќе ја објават листата на која, според високи официјални извори од Брисел, сигурно нема да бидат имињата на рускиот претседател Владимир Путин, како и на министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Dипломат на Унијата, кој побара анонимност, денеска посочи дека еден ден откако народот во областа Крим во Украина ќе гласа на референдум за спојување кон Русија, ФАК ќе ја прогласи листата со имињата на Русите на кои ќе им биде забранет пристап на територијата на Европската унија и ќе им бидат замрзнати средствата што ги поседуваат во некоја од европските банки.

– Засега, листата со лица кон кои ќе бидат воведени санкции не е готова, но искуството од украинскиот случај покажа дека три дена се доволни да се подготви. Сепак, ние повикуваме на директни разговори на властите на Русија и Украина, но ескалацијата на настаните во Крим покажува дека нема дијалог – посочува високиот дипломат на ЕУ, негирајќи дека е можно во брзо време и потпишување на политичките поглавја од Договорот за асоцијација меѓу Унијата и Украина.

Според информации од Советот, голема е поделбата кај земјите-членки на Унијата во однос на тоа кои руски официјални лица треба да се најдат на листата за санкции. Наводно, бројката се движи од четири до 200 лица. Но, се очекува најголем дел од нив да бидат официјални преставници на руската Армија, кои директно учествуваат во активностите на руските воени единици на украинска територија.

Инаку, листата за санкции што Советот за надворешни работи ќе ја донесе во понеделник, се очекува да ја потврди Европскиот совет на самитот в четврток и в петок во Брисел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top