Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, господин Живко Мукаетов, стана дел од светското елитно друштво на Млади глобални лидери, чијашто главна цел е со заеднички напори и залагања да го направат светот подобро место за живеење. Како единствен претставник од Македонија во класата 2014 година, пред да се здобие со престижната титула млад глобален лидер, Мукаетов го помина исклучително комплексниот, ригорозен процес на селекција, кој се состои од неколку фази, а на чело на селекцискиот комитет стои кралицата Ранија ал Абдулах од Хашемитското Кралство Јордан.
Главниот извршен директор на „Новите шампиони“ во рамки на Светскиот економски форум, господин Дејвид Ајкман, им посака пригодно добредојде на новите лидери:
– Младите глобални лидери не се исклучителни луѓе сами по себе, туку тие се лидери што веќе имаат постигнато добри резултати во подобрувањето на состојбите во светот. Им посакуваме добредојде на членовите на класата 2014 година во нашата заедница и со нетрпение го очекуваме нивниот колективен ангажман, кој, се надеваме, ќе резултира со промени што ќе имаат глобално значење во вистинска смисла на зборот – истакна господин Ајкман.
Форумот на млади глобални лидери (ФМГЛ) е основан во 2004 година од страна на господин Клаус Шваб, како независна фондација за тесна соработка со Светскиот економски форум. Друштвото на Млади глобални лидери од основањето до денес во светот брои повеќе од 900 членови, а меѓу познатите млади глобални лидери во светски рамки се вбројуваат Мариса Маер – главен извршен директор на „Јаху“, Лари Пејџ – коосновач и главен извршен директор на „Гугл“, Чо Шун – актерка и амбасадорка на добрата волја (Програма за развој на Обединетите нации), Насоко Јамазаки – јапонски космонаут и специјалист на мисијата во посадата на „СТС-Дискавери“.
Покрај господин Мукаетов, член на Форумот на млади глобални лидери од земјава е и господин Фатмир Бесими, кој стана дел од ова друштво во 2010 година, како тогашен министер за економија на Македонија.
Од илјадници номинации, годинава во редовите на друштвото на Млади глобални лидери успеаја да влезат само 214 светски истакнати и докажани личности во рамки на својата дејност, од 66 земји низ седум региони во светот, од кои 46 се од Европа.
Покрај господин Мукаетов, се најде и светски познатиот и признат шеф со македонско потекло, сопственик и основач на данскиот ресторан „Нома“ (носител на две ѕвездички од „Мишелин“), господин Рене Реџепи, а меѓу другите 212 истакнати личности во класата на млади глобални лидери 2014 година, се забележаа и:
- Карл-Јохан Персон, претседател и главен извршен директор на шведскиот гигант „Хенес и
Мориц АБ“ нам позната како „ХиМ“
Франческа Карлеси, управен директор на Дојче банк во Италија
Наталија Војданова, моделка, основач и претседател на руската фондација „Отворено срце“
Патрисија Кобијан, управен директор на шпанската „Телефоника Европа“
Владимир Кличко, светски боксерски шампион во тешка категорија и сопственик на групацијата „Кличко менаџмент“
Масина Зиглер, англиска писателка и претприемачка
Џејмс Мур, канадски министер за индустрија
Авани Давда, главен извршен директор на индиската „Тата Старбакс лимитед“
Шарлиз Терон, актерка и основач на проектот „Шарлиз Терон за Африка“
Џеред Коен, Директор на „Гугл идеи / Гугл САД“
Дајвид Карп, основач и главен управен директор на американскиот „Тумблр“
Оливија Лиланд, директорка за партнерства во фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“
Хедер Зихал, заменик помошник на претседателот Барак Обама за енергија и за климатски промени
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



